Венеција важи за еден од најпосетуваните градови во Европа, позната по каналите, гондолите и богатата историја. Меѓутоа, малкумина знаат дека токму во срцето на овој италијански град се наоѓа кафеана која непрекинато работи повеќе од 300 години и ја носи титулата на една од најстарите активни кафеани во светот.
Станува збор за Caffè Florian, прочуеното место на Плоштадот Свети Марко кое веќе со векови привлекува туристи, уметници, писатели и љубители на кафе од сите краишта на светот.
Кафеана која преживеала три века историја
Caffè Florian е отворена на 29 декември 1720 година под името „Alla Venezia Trionfante“, но набрзо го добила името по својот основач, Флоријано Франческони (Floriano Francesconi).
Благодарение на престижната локација во самиот центар на Венеција, кафеаната многу брзо станала омилено збиралиште на европската елита. Меѓу гостите на оваа прочуена кафеана биле Јохан Волфганг фон Гете, Џакомо Казанова, Лорд Бајрон, Марсел Пруст и Чарлс Дикенс.
Интересен факт: Посебна занимливост претставува фактот што во времето кога била отворена, оваа кафеана била една од ретките во Венеција во која на жените им бил дозволен влез, што дополнително ја издвојувало од конкуренцијата.
Ентериер кои не е променет повеќе од 160 години
Во средината на 19 век кафеаната била реновирана, а нејзиниот препознатлив изглед е зачуван до денес. Внатрешноста ја сочунуваат шест раскошно уредени салони украсени со уметнички дела на познати сликари од тоа време.
Посетителите можат да престојуваат во просториите познати како:
- Салон на славните
- Салон на Сенатот
- Кинески салон
- Ориентален салон
- Салон на огледалата
- Салон Либерти
Секој од нив има уникатен стил и своја историска приказна.
Денес, Caffè Florian е многу повеќе од обична кафеана. Спојот на врвно кафе, традиционални италијански десерти, уметност и историја ја прави една од најпознатите атракции во Венеција. Иако цените не се меѓу најниските, искуството на пиење кафе на Плоштадот Свети Марко за многу туристи претставува незаобиколен дел од посетата на градот на вода.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата