Сурутката е течноста што останува по процесот на згрутчување на млекото. Имено, овој процес го одделува млекото на цврста супстанца (урда) и течна супстанца (сурутка). Козјата сурутка, во својата основна форма или во форма на додаток, стана неопходна храна кај луѓето кои водат здрав начин на живот.
Бројни студии потврдија дека козјата сурутка помага при губење на тежината, го подобрува варењето на храната, ги зајакнува коските, а се препорачува и за луѓе со дијабетес тип 2.
Може да ја консумираат и луѓе со алергии, вклучително и деца. Честопати, малите деца се алергични или нетолерантни на кравјо млеко поради присуството на протеин казеин. За разлика од кравјото млеко, козјото млеко содржи минимална количина од овој протеин, па затоа повеќето луѓе се толерантни на козјо млеко.
Како да се пие козја сурутка?
Количината на козја сурутка што е неопходна, пожелна и дозволена на дневна основа може да зависи од целта што ја имаме. Оптималната дневна количина е половина литар, а најефикасна е ако ја пиете наутро, на празен стомак. На спортистите и луѓето кои редовно вежбаат им се препорачува да пијат козја сурутка по тренингот.
Треба да се напомене дека луѓето со проблеми со бубрезите не треба да претеруваат со козја сурутка поради нејзината висока содржина на протеини.
Козјата сурутка се користи во народната медицина со векови. Хипократ ја препорачувал за зајакнување на имунитетот и против исцрпеност. Денес, консумирањето козја сурутка се препорачува за луѓе со различни здравствени состојби, како што се заболувања на црниот дроб, но важно е да се напомене дека оваа храна не гарантира лек, но може да има корисен ефект врз закрепнувањето.
Козја сурутка за белите дробови
Иако земањето козја сурутка како додаток во исхраната во текот на шест недели може да ги ублажи проблемите со дишењето, тоа не ја подобрува функцијата на белите дробови или квалитетот на живот кај луѓе со хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ). Значи, козјата сурутка помага во чистењето на белите дробови, но не е доволно ефикасна за лекување на белодробни заболувања.
Козја сурутка за црниот дроб
Козјата сурутка се користи и како природно средство за чистење на црниот дроб. На луѓето со замастен црн дроб им се препорачува да пијат две чаши козја сурутка наутро, два часа пред појадок. Секако, ова само по себе нема да го реши проблемот, па затоа е потребно да ја промените исхраната – да ги елиминирате преработените храни и масните намирници и да го зголемите внесот на протеини. Козјата сурутка не треба да се зема подолго од две недели.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата