Кога Шоџи Моримото бил отпуштен од компанијата во 2018 година, неговиот работодавач го критикувал за „недостаток на иницијатива“, тврдејќи дека „не прави ништо корисно“.
Денес, Моримото има 41 година и профитабилна кариера. Се покажа дека таа критика всушност е клучот до неговиот успех.
Барањата се различни.
За што се работи? Едноставно кажано, Моримото направи кариера – не правејќи ништо! И токму по тоа е познат во неговата родна Јапонија, како „човек за изнајмување кој не прави ништо“.
Работата вклучува дружење со непознати луѓе кои сакаат некого покрај себе, за речиси сè, објавува CNBC.
Барањата се различни. Еднаш чекал на целта на маратон, друг пат се јавил на интерфонот додека една клиентка си ја средувала собата, а неодамна придружувал непозната жена на концерт.
Без разлика дали станува збор за смешни или обични задачи, Моримото едноставно се појавува и практично не прави ништо. Сепак, сексуалните услуги не се дел од понудата.
Имаше и тешки задачи.
„Се најдов во објективно тешки ситуации, како што се стоење во ред под жешкото сонце, стоење со часови во зима, одење на забави со странци и стоење на сцена пред публика. Сепак, без оглед на непријатностите што ги доживеав, ја сметам оваа работа за посебна и ја ценам“, рече таткото на седумгодишно дете.
Една од неговите најдолги задачи беше 17-часовно патување на истата железничка линија – од рано наутро до последното заминување!
„Изминавме 13 круга на линијата Јамамото“, откри тој за локалните медиуми.
„Емоционална поддршка“
Моримото често добива барања едноставно да ги сослуша луѓето кои имаат лош ден. Кога станува збор за разговор, тој нуди само основни одговори. Тој најчесто клима со главата и слуша внимателно, но избегнува да се однесува како терапевт.
Тој се сеќава и на необични барања – како на жена која му платила да седи во аголот на кафуле, во нејзина линија на видливост, додека таа му ги доставувала документите за развод на својот сопруг. Сè поминало непречено, а жената рекла дека присуството на позната личност ѝ дало дополнителна доза на храброст.
Неговото присуство функционира како еден вид „емоционална поддршка“, привремено помагајќи им на луѓето кои се чувствуваат непријатно во одредени социјални ситуации.
„Постојат многу различни омилени моменти во оваа работа – кога добивам порака со понуда, кога се среќавам со клиент, кога го придружувам на непознати места, слушајќи нечија приказна... и сум среќен во секој од тие моменти“, рече тој.
Колкава е тарифата?
Тој открива дека добива околу 1.000 барања годишно и им остава на клиентите сами да одлучат колку ќе платат.
Тој порано наплаќал фиксна цена од 10.000 до 30.000 јени (65 до 195 долари) за сесија што траела два до три часа, а минатата година заработил околу 80.000 долари (околу 70.000 евра).
Тој открива дека во 2024 година вовел модел „плати колку што сакаш“.
Иако нема официјална статистика за индустријата „луѓе под кирија“, Јапонија е позната по широкиот спектар на вакви услуги – од изнајмување девојки и момчиња до пријатели и членови на семејството.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата