Родум од Попово Село во Херцеговина, од родители прости, но благочестиви. Од малечок беше исполнет со љубов кон Божјата Црква, а кога порасна отиде во требињскиот манастир на Успение на Пресвета Богородица и прими монашки чин. Набрзо се прочу со својот сериозен и редок подвижнички живот, зашто себеси си налагаше подвиг врз подвиг, с ? потежок и потежок. Подоцна го посветија за епископ Захумски и скендериски, наспроти неговата волја.
Како архиереј прво живееше во манастирот Тврдош и оттаму како добар пастир го утврдуваше своето стадо во православната вера, чувајќи го од турската свирепост и од латинското лукавство.
А кога непријателите многу го притеснија, а Турците го разорија Тврдош, се пресели во Острог, каде што тврдо се подвизуваше, оградувајќи го своето стадо со непрестајни молитви. Се упокои мирно во Господ во 16 век. Неговите мошти останааа цели и целебни, нераспадливи и чудотворни до денешен ден. Чудата на гробот на Св. Василиј се безбројни. Кон неговите мошти притекнуваат и христијаните и муслиманите и наоѓаат исцеленија во најтешките маки и болести. Секоја година на Педесетница во Острог станува голем народен собир.
Тропар
Од младоста своја целиот себе на Бога си се предал, пребивајќи во молитви, подвизи и постови, отче богоносен: си бил пример на добродетели на стадото твое. Поради тоа Бог ја виде твојата добра намера и те постави во Црквата Своја како пастир и ревносен архиереј, и после твоето упокоение, твоето тело се сочува нетлено, светителу Василие; затоа, како оној кој има смелост, моли се на Христа Бога да ги спаси нашите души.
Ден посветен на еден од најголемите чудотворци
Верниците и црквата го празнуваат денот посветен на еден од најголемите чудотворци – Свети Василиј Острошки. Неговото име е почитувано не само кај православните, туку и кај припадниците на другите вери, а на овој празник не се прикачени вообичаените народни обичаи – верниците треба да прават само едно.
Нема обичаи, но има правило
За разлика од другите верски празници, нема традиционални обичаи поврзани со Свети Василиј Острошки. Има само една препорака – на празникот Свети Василиј треба да отидете во Острошкиот манастир и да се помолите. Тоа е сѐ.
Фотографирање внатре и во дворот на Горниот манастир не е дозволено, но постои практика одредени работи да се земаат со себе. За исцелување се користи шише масло кое монасите го осветуваат и потоа им го даваат на верниците. Шеќерот, кој останува во манастирот, е наменет за сите.
Но, најважниот подарок е пар машки чорапи. Се верува дека Свети Василиј станува и оди ноќе, па чорапите му се кинат секој ден – монасите редовно ги менуваат.
Правила за пристојност и почит
Постојат и правила за облекување при посета на манастир. Жените не смеат да влезат облечени во панталони, кратки здолништа, без покривка за глава и голи рамена. Здолништето мора да биде најмалку до колена, а марамата е задолжителна. И мажите треба да доаѓаат соодветно облечени – без шорцеви или сандали.
Ако одлучите да одите по патот на Острог – не земајте само материјални работи со себе. Внесeте тишина во вашето срце. Не доаѓаме таму да видиме чудо, туку да веруваме во него.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата