Во објавата на Reddit, 25-годишникот вели дека ги цени нивните телефонски разговори навечер, но нерамнотежата во комуникацијата му паѓа сè потешко.
„Разговорот со неа ме исцрпува“
Тој објаснил дека обично својот ден го раскажува за минута или две, а потоа ја слуша својата 23-годишна девојка како опширно раскажува за колегите, канцелариските драми и разните разговори поврзани со работата. После цел ден поминат на факултет и работа, тој признава дека сè потешко се справува со количината детали и емоционална енергија што ваквите разговори ги бараат.
„Ми значи, сакам да ѝ бидам поддршка, но после овие разговори, се чувствувам исцрпено и преоптоварено“, им се доверил тој на корисниците на Reddit. Кога се обидел да ѝ каже како се чувствува, неговата девојка одговорила дека таа често го носи товарот на неговиот стрес, што дополнително ја компликувало целата ситуација.
Неговата објава предизвика дискусија за тоа како паровите се справуваат со различните стилови на комуникација и неусогласените емоционални капацитети на крајот од денот.
Совет од интернет
Корисниците на Reddit му понудиле неколку практични совети. Еден предложил: „Јавете ѝ се подоцна, кога ќе се одморите малку, а во меѓувреме правете нешто друго, како на пример згответе вечера“.
„Звучи како да имате различни стилови на релаксација и комуникација“, напишал друг коментатор, па на шега додал: „Импресивно ми е што секоја вечер има толку многу за кажување. Боже, каде работи штом има толку многу драма?“
Истиот корисник заклучил дека двајцата ќе мора да направат компромис, па предложил пократки муабети во текот на напорните денови, а долгите разговори да ги остават за времето што свесно ќе го одвојат еден за друг. Други му советувале проблемот да не го претставува како критика кон неа, туку како заеднички предизвик – тој да признае дека има ограничена енергија, но и дека таа има потреба да сподели како ѝ поминал денот.
Што велат експертите?
Експертите предупредуваат дека обемната комуникација може да има различни причини. Според „Psychology Today“, луѓето кои доминираат во разговорите честопати не се свесни за тоа. Во статијата се наведува дека за терапевтите „самата помисла за разговор со зборлив пациент може да предизвика чувство на исцрпеност“, со што се укажува колку таквиот начин на комуникација може да биде напорен за соговорниците.
Се додава и дека претераното зборување понекогаш може да биде поврзано со емоционалните потреби, бидејќи таквите луѓе „може да се осамени или вознемирени“, нагласувајќи ја важноста на трпението и разбирањето.
Експертите за комуникација, исто така, ја нагласуваат важноста на времето и емоционалната подготвеност за разговор. Клиничкиот психолог Шели Сомерфелд за Newsweek изјавила: „Ако разговорот го започнуваме лути, вознемирени или претерано емотивни, комуникацијата има тенденција да стане премногу напната и тешко е да се дојде до решение.“
„Дури и ако не се согласувате со ставот на вашиот партнер, важно е да сослушате зошто навистина се чувствува така како што се чувствува“, додава таа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата