Сочни, миризливи и неодоливо слатки – праските се едно од оние летни задоволства што не можете да ги прескокнете. И додека повеќето од нас ги сакаат поради нивниот вкус и освежителна текстура, нутриционистите истакнуваат дека овој овошен бисер крие многу повеќе од само задоволство за непцето.
Праските се вистинско богатство од хранливи материи кои можат позитивно да влијаат на вашето целокупно здравје.
Праските се едно од омилените летни овошја на многу луѓе – тие се освежителни, слатки и полни со вкус. Освен што се вкусни, нутриционистката Џејми Ли Мекинтајр нагласува дека праските имаат бројни здравствени придобивки кои одат подалеку од нивниот добар вкус.
„Тие содржат корисни хранливи материи кои го поддржуваат здравјето на срцето, го намалуваат воспалението и помагаат во регулирањето на шеќерот во крвта“, изјави таа за Eating Well.
Го подобруваат варењето на храната
Праските се добар извор на диететски влакна – една праска со средна големина содржи околу два грама растворливи и нерастворливи влакна. „Растворливите влакна ги хранат корисните цревни бактерии, додека нерастворливите влакна помагаат во одржувањето на непречено варење“, објаснува Мекинтајр. Редовното консумирање праски може да придонесе за поредовно и поздраво варење.
Го намалуваат воспалението
Хроничното воспаление е поврзано со бројни болести, а праските содржат хранливи материи како бета-каротен, антоцијанини, лутеин и витамин Ц.
„Овие состојки ги штитат клетките од оксидативен стрес, што е еден од факторите во развојот на разни болести“, додава таа.
Најкорисните состојки се наоѓаат во кората од праската, па затоа се препорачува да се јадат нелупени.
Помагаат во намалување на крвниот притисок
Праските се богати со калиум, минерал кој ги неутрализира штетните ефекти на натриумот и ги опушта крвните садови.
„Покрај калиумот, тука се и витамин Ц, растителни влакна и бета-каротен – комбинација што може да придонесе за здравјето на срцето, регулирање на крвниот притисок и подобра рамнотежа на холестеролот“, истакнува нутриционистот.
Го регулираат нивото на шеќер во крвта
Иако имаат сладок вкус, една праска со средна големина содржи околу 15 грама јаглехидрати – значително помалку од, на пример, јаболко, кое има околу 25 грама. Затоа праските се добар избор за лица со дијабетес, особено ако се комбинираат со протеини и здрави масти, што дополнително го забавува зголемувањето на нивото на шеќер во крвта.
Го штитат вашиот вид
Бојата на праските ја даваат каротеноиди како што се бета-каротен, лутеин и зеаксантин, кои се исто така моќни антиоксиданси. Високиот внес на лутеин и зеаксантин е поврзан со намален ризик од катаракта и макуларна дегенерација – главните причини за губење на видот кај постарите возрасни лица.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата