logo
logo
logo

Чудо на Сулавеси: НАЈСТАРАТА ПЕШТЕРСКА УМЕТНОСТ ЈА МЕНУВА ИСТОРИЈАТА НА ЧОВЕШТВОТО

Vecer | 22.01.2026

Чудо на Сулавеси: НАЈСТАРАТА ПЕШТЕРСКА УМЕТНОСТ ЈА МЕНУВА ИСТОРИЈАТА НА ЧОВЕШТВОТО

Исцртаната контура на рака пронајдена на индонезискиот остров Сулавеси е најстариот досега познат пример на пештерско сликарство во светот, тврдат научниците, а пренесува BBC.

Станува збор за црвен негатив од човечка рака, чии прсти подоцна биле преобликувани – стеснети и издолжени – за да потсетуваат на канџа. Токму оваа интервенција, истакнуваат истражувачите, укажува на ран скок во симболичката имагинација и апстрактното размислување.

Откриеното пештерско сликарство на Сулавеси е датирано на најмалку 67.800 години старост, што е околу 1.100 години постаро од досегашниот рекорд – контроверзниот отпечаток од рака во Шпанија, чија старост сè уште се оспорува.

Откритието дополнително ја зајакнува тезата дека нашиот вид, Homo sapiens, до поширокото копнено подрачје на Австралија и Нова Гвинеја – познато како Сахул – пристигнала и до 15.000 години порано отколку што сè уште тврди дел од научната заедница.

Во текот на последната деценија, низа откритија на Сулавеси ја урнаа старата идеја дека уметноста и апстрактното размислување кај луѓето нагло се појавиле во ледената доба на Европа, а потоа оттаму се прошириле низ светот.

Пештерската уметност се смета за еден од клучните показателите на моментот кога луѓето почнале да размислуваат вистински симболички – на начин каков што го бараат јазикот, религијата и науката. Раните цртежи и гравури не претставуваат само реакција на светот, туку негово претставување: споделување приказни, идентитети и значења на начин што не го познава ниту една друга вид.

Дали будењето на човештвото не се случило во Европа?

Професорот Адам Брум од Универзитетот Грифит, еден од раководителите на истражувањето, изјави за BBC News дека новото откритие, објавено во списанието Nature, дополнително ја потврдува сè појасната слика: не постоело никакво „будење на човештвото“ во Европа. Креативноста, вели тој, му била вродена на нашиот вид уште од самите почетоци, а нејзините траги се протегаат до Африка, каде што и сме еволуирале.

„Кога студирав во средината и кон крајот на деведесеттите години, нè учеа дека креативната експлозија се случила во мал дел од Европа. Денес, пак, гледаме обележја на модерно човечко однесување – вклучително и наративна уметност – во Индонезија. Тој евроцентричен аргумент сè потешко се одржува“, вели Брум.

Најстарата шпанска пештерска уметност – црвен отпечаток од рака од пештерата Малтавјесо – е датирана на најмалку 66.700 години, но дел од стручњаците ја оспоруваат таа старост. На Сулавеси уште во 2014 година биле пронајдени отпечатоци од раце и прикази на животни стари најмалку 40.000 години, потоа насликана ловечка сцена стара најмалку 44.000 години, а подоцна и наративна сцена со приказ на свиња и луѓе стара најмалку 51.200 години. Секое ново откритие, објаснува професорот Максим Обер, ги поместувало границите на софистицираниот сликовен израз сè подлабоко во минатото.

Најновото откритие доаѓа од варовничката пештера Лијанг Метандуно на островот Муна, југоисточно од Сулавеси. Техниката е едноставна, речиси графитерска: древниот уметник ја прилепил дланката до карпата и распрснал пигмент околу неа, најверојатно со дување или плукање, оставајќи отпечаток од рака.

Еден фрагмент од тој отпечаток е покриен со тенки минерални слоеви кои со анализа се датирани на најмалку 67.800 години, со што тој станал најстариот сигурно датиран пример на пештерска уметност во светот.

Клучин, сепак, е фактот дека авторот не застанал само на отпечатокот. Откако раката била насликана, контурите на прстите биле внимателно изменети за да добијат канџест облик. Брум го опишува овој чин како нешто „исклучително човечко“ – свесна, креативна трансформација на симболот.

Интересно е што вакви експерименти нема во пештерската уметност на неандерталците во Шпанија, стара околу 64.000 години – дури и ако се прифати таа, сè уште оспорувана, датировка.

Досега сите сулaвесиски цртежи потекнуваа од карстното подрачје Марос Пангкеп на југозападот на островот. Појавата на значително постар отпечаток на спротивната страна на Сулавеси, и тоа на посебен сателитски остров, укажува дека пештерското сликарство не било локален експеримент, туку длабоко вкоренета културна практика распространета низ целиот регион.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk