logo
logo
logo

Кога еуфоријата ќе стивне: КАКО ДА СЕ ИЗБОРИТЕ СО ЈАНУАРСКАТА ДЕПРЕСИЈА

Vecer | 11.01.2026

Кога еуфоријата ќе стивне: КАКО ДА СЕ ИЗБОРИТЕ СО ЈАНУАРСКАТА ДЕПРЕСИЈА

Откако ќе се изгаснат празничните светла, ќе стивне музиката и ќе помине празничната еуфорија, многумина се соочуваат со чувство на празнина и безволност.

Овој феномен, популарно наречен „јануарска тага“ или „јануарски блуз“, го опишува колективниот пад на расположението што настапува на почетокот на новата година и со враќањето во суровото секојдневие. Иако не станува збор за клиничка дијагноза, чувството на меланхолија е толку распространето што го доживува голем дел од населението. Стручњаците истакнуваат дека е важно да се разликува оваа привремена состојба од посериозни нарушувања.

Додека јануарската тага е привремен одговор на сплет од психички, социјални и надворешни фактори, сезонското афективно нарушување (САН) претставува специфичен вид депресија што се повторува во исто време од годината, најчесто со почетокот на есента и трае во текот на целата зима. Симптомите на САН се поинтензивни и подолготрајни, а за поставување дијагноза потребно е ваквиот образец да се повторува најмалку две последователни години.

Почетокот на годината носи своевиден емоционален „мамурлак“. Преминот од период исполнет со дружења, одмор и свечена атмосфера во секојдневна рутина за многумина претставува нагол и непријатен шок. Психолозите ова го нарекуваат постпразничен пад на расположението, а чувството на разочараност и тага го засилуваат и други фактори.

Иако најдепресивниот ден е третиот понеделник во јануари и го означува врвот на меланхолијата, многумина ќе почувствуваат пад на расположението уште првиот понеделник. Една од клучните причини е недостатокот од сончева светлина, но тука се и финансискиот стрес и нереалните новогодишни ветувања што си ги даваме, а не ги исполнуваме, што создава чувство на неуспех и демотивираност. Се проценува дека јануарската тага, во некој облик, ја доживува повеќе од половина од населението.

Истражувањата покажуваат дека сезонското афективно нарушување, кое дели многу карактеристики со оваа состојба, е почесто кај жените отколку кај мажите, а најчесто се јавува кај млади возрасни лица, на возраст меѓу 18 и 30 години. Засегнати можат да бидат и лица кои инаку не се склони кон промени во расположението, едноставно поради наглата промена на животниот ритам.

Симптомите најчесто се благи и минливи, а вклучуваат безволност, недостаток на енергија, замор, проблеми со концентрацијата, зголемена потреба за сон и промени во апетитот, особено желба за храна богата со јаглехидрати. Може да се појават и раздразливост, чувство на преоптовареност и желба за повлекување во осама.

За да го подобрите расположението, клучно е да направите мали промени во животните навики. Редовната физичка активност, дури и кратка прошетка, го поттикнува лачењето на ендорфини – природните „хормони на среќата“, кои го намалуваат стресот и ја зголемуваат енергијата.

Максимално искористете ја дневната светлина. Обидете се секој ден да поминете барем малку време на отворено, дури и кога е облачно. Поставете го работното биро близу до прозорец и одржувајте го просторот во кој престојувате добро осветлен. Светлосната терапија, која вклучува изложување на посебна ламба со силен интензитет, се покажала како ефикасна метода во борбата против сезонската депресија.

Внимавајте и на исхраната. По тешката празнична храна, на телото ќе му годат полесни оброци богати со овошје, зеленчук и намирници што содржат омега-3 масни киселини, како што се рибата и јаткастите плодови. Одржувањето на социјалните контакти исто така е од клучно значење. Не дозволувајте мрачното време да ве затвори дома; договорете кафе со пријателите или испланирајте заеднички излет.

Наместо да се оптоварувате со големи новогодишни одлуки, поставувајте си мали и остварливи цели за секоја недела. Средување на дел од станот или читање книга што долго ја одложувате може да ви даде чувство на постигнување и да ви ја врати самодовербата.

Јануари може да биде можност за нов почеток, одмор и планирање, а не само месец што треба да се преживее.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk