Дали знаете дека предолгото спиење е исто толку лошо како и неспиењето, а можеби и уште полошо?
Резултатите од студијата на американски кардиолози покажаа дека е важно да се знае дека должината на спиењето што им е потребна на луѓето се менува со возраста.
Додека на возрасните им се препорачува да спијат седум до осум часа на ден, на младите им требаат помеѓу седум и девет часа. Сè што е над или под таа бројка го зголемува ризикот од срцев удар, предупредуваат лекарите.
Како што покажаа резултатите, кај оние кои спијат подолго од препорачаните девет часа, тој ризик се зголемува за 34 проценти, додека кај луѓето кои спијат помалку од шест часа на ден, постои 20 проценти поголем ризик од срцев удар.
Селин Ветер, коавторка на студијата, со помош на своите колеги, го спореди ризикот од срцеви заболувања кај возрасни на возраст од 40 до 69 години кои спиеле помеѓу четири и единаесет часа навечер.
Се покажа дека ризикот од срцеви заболувања се зголемува кај оние кои спијат помеѓу четири и пет часа, како и кај оние кои спијат помеѓу десет и единаесет часа навечер.
И покрај ова истражување, на самите научници не им е јасно зошто премногу сон влијае на ризикот од срцев удар, но д-р Ветер верува дека предолгото спиење може да биде еден од раните симптоми на здравствен проблем.
– Затоа на секој преглед, лекарите треба да им поставуваат прашања на пациентите за спиењето, со цел да утврдат кој од нив има зголемен ризик од кардиоваскуларни заболувања, а многу веројатно и од депресивни состојби – објасни д-р Ветер.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата