logo
logo
logo

Додека Европа ги поместува стрелките, Исланд тера по свое

Vecer | 31.03.2026

Додека Европа ги поместува стрелките, Исланд тера по свое

Промената на времето во Европа и понатаму предизвикува расправии, но оваа земја уште пред повеќе од половина век одлучи дека поместувањето на часовникот едноставно не ѝ е потребно.

Во ноќта меѓу саботата и неделата, во два часот по полноќ, часовникот беше поместен на три часот, а тоа мало поместување, кое се повторува секоја година, и понатаму предизвикува дебати за тоа дали воопшто има смисла. Додека во Европската Унија веќе со години се зборува за негово укинување, некои земји како Исланд одамна донесоа одлука и се откажаа од промената на времето.

Исланд живее по сопствени правила

Исланд никогаш не ги поместува стрелките, а причината не е само административна одлука, туку и специфичната природа на тој остров на крајниот север на Европа. Таму летото носи речиси непрекината светлина. Сонцето заоѓа само накратко или воопшто не исчезнува од хоризонтот, што го создава познатиот феномен на полноќно сонце. Од друга страна, зимата е потполно поинаква, со едвај неколку часа дневна светлина. Во такви услови, поместувањето на часовникот не би донело никаква вистинска промена. Светлината не може да се „растегне“ или „скрати“ со административна одлука, па сè би останало само на бројките на часовникот.

Рејкјавик се наоѓа на речиси 64 степени северна географска широчина, со што ја држи титулата на најсеверен главен град во светот.

Одлуката часовникот повеќе да не се поместува е донесена уште во 1968 година. Тогаш исландските власти заклучиле дека промената на времето носи повеќе штета отколку корист. Граѓаните се жалеле на нарушување на спиењето и секојдневниот ритам, а дополнителен проблем претставувала организацијата на сообраќајот, особено воздушниот. Во земја која и онака е изолирана и зависи од прецизна логистика, секоја дополнителна компликација била излишна. Поради тоа е воведено едно време кое важи во текот на целата година, без сезонски прилагодувања.

Промената на часовникот на Исланд не би имала смисла

Интересно е и тоа што Исланд го користи истото време како Гринич, односно UTC+0, иако географски се наоѓа позападно отколку што би било вообичаено за таа временска зона. Со други зборови, Сонцето на Исланд природно „доцни“ во однос на часовникот. Пладнето според часовникот не се совпаѓа со моментот кога Сонцето е највисоко на небото, туку доаѓа нешто подоцна.

Во летните месеци животот на Исланд е посебен. Поголемиот дел од островот има околу 21 час дневна светлина, а некаде и до 23 часа.

Поради тоа, може да се каже дека исландското време е веќе поместено нанапред во однос на природниот ритам на денот. Кога дополнително би воведувале летно сметање на времето, разликата меѓу часовникот и вистинската положба на Сонцето би била уште поголема. Токму затоа таквата промена не би имала смисла.

И покрај бројните расправии, не отстапуваат од својата идеја

Во текот на годините имало неколку обиди повторно да се разгледа воведувањето на летното сметање на времето, но ниту еден не успеал. Расправиите повремено се враќале во јавниот простор, особено кога се споредувале исландските и европските стандарди, но преовладал ставот дека стабилноста носи повеќе корист од прилагодувањето. Граѓаните се навикнале на едно време, а секојдневниот живот е организиран токму околу таквиот ритам.

Приказната за Исланд често се споменува во контекст на пошироката европска дебата за поместувањето на часовникот. Додека едни сметаат дека подолгите летни денови носат повеќе енергија и продуктивност, други предупредуваат на здравствените последици и нарушувањето на биолошкиот ритам. Исланд е, барем засега, јасен пример како животот без сезонско поместување на времето може да функционира без поголеми проблеми.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk