Додека луѓето спасот од топлотните бранови го бараат на плажа или во дебела сенка, во светските зоолошки градини големите мачки имаат сосема поинаков начин за разладување, крвави ледени лижавчиња!
Во зоолошката градина во Лондон, лавовите и тигрите на високите температури добиваат замрзнати блокови на база на крв и сочни парчиња месо, пренесува „Гардијан“.
Овие „сладоледи“ не само што ги ладат, туку го поттикнуваат и нивниот природен ловички инстинкт. Чуварите објаснуваат дека живеалиштата се прецизно прилагодени со сенки, базени и калливи површини за да им го олеснат летото на животните.

Посебни ледени деликатеси добиваат и останатите жители. Шимпанзата, мечките и црвените панди редовно се сладат со овошни и зеленчукови ледени лижавчиња, додека за големите горила се подготвуваат огромни блокови мраз од чист овошен чај без шеќер.
Анџела Рајан од лондонската зоолошка градина истакнува дека најважно е секое животно само да избере што му одговара. Некои веднаш бегаат во вода, други уживаат под тушевите, а бидејќи повеќето видови потекнуваат од топли краишта, работата на чуварите не е да интервенираат, туку едноставно да им обезбедат услови за избор и будно да ја следат нивната состојба.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата