Џек Ковин како дете чистел снег за пари, доставувал весници и продавал божиќни честитки, а кога наполнил дваесет години, наместо картички почнал да продава хамбургери.
Во 1969 година купил ресторан KFC во Австралија за 100 илјади долари, а денес неговата компанија за брза храна вреди повеќе од 3 милијарди долари.
Денес, овој 82-годишник е основач и претседател на компанијата Competitive Foods Australia, која управува со Бургер Кинг под името Hungry Jack's на седмиот континент.
Тој е и најголемиот акционер на Domino's Pizza во Австралија и финансиски ја поддржува компанијата v2food, основана во 2019 година, која произведува замени за месо од растително потекло.
Растејќи во Канада, рано сфатил дека сака слобода во животот. Неговиот татко бил вработен во Ford Motor Company и морал често да патува поради работа.
- Кога работиш за голема корпорација, таа одлучува каде ќе бидеш и што ќе правиш, а јас како дете сакав да имам слобода да го правам тоа што го сакам. Мислам дека го сфатив тоа релативно рано, бидејќи видов дека татко ми изгледаше како да е „на подвижна лента“, рече Ковин.
Кога не бил на училиште, Ковин го поминуваше времето косејќи тревници и доставуваше весници.
- Никогаш не сум морал да барам пари како дете. Јас бев продавач од многу рана возраст, можеби 8 или 10 години - додаде тој.
Кога дошло време за колеџ, Ковин ги посетувал фармите и продавал садници. Тој бил толку успешен во тоа што заработувал 8.000 долари годишно, додека неговите професори од факултет заработувале само 5.000 долари годишно.
Дипломирал на Универзитетот во Западен Онтарио во 1964 година, а потоа се вработил во продажба на животно осигурување каде што исто така бил многу успешен.
„Имав репутација на некој кој знаеше да продава“, рече тој.
Во доцните 1960-ти, размислувал да се насели во Канада со неговата сопруга и првото дете, но потоа на покана на неколку пријатели од средно училиште кои се вработиле во американски KFC, тој отпатувал во Австралија во февруари 1969 година за да им помогне да ги истражат можностите за проширување на компанијата на локалниот пазар.
- Ми се јавија и ми рекоа: „Треба да дојдеш овде. Треба да го видите.“ Така, без двоумење се качив во авионот и полетав за Австралија. Во тоа време ресторанскиот бизнис во Австралија беше ограничен на продавници за риба и чипс, односно на кинески и луксузни ресторани со бели чаршафи – рече тој.
Во меѓувреме, McDonald's, Burger King, KFC и други ресторани за брза храна станувале сè попопуларни во Северна Америка.
- На крајот од тие три недели платив депозит од 1000 долари за франшизата на KFC. Договорот беше дека, ако американска компанија отвори ресторан, јас ќе добијам право на франшиза од десет локации - рече тој.
Шест месеци подоцна, тој добил телефонски повик во кој му кажале дека американскиот KFC одлучил да се прошири на австралискиот пазар, а на Ковин му била дадена можност да ја поседува својата прва франшиза. Сепак, немал пари, па почнал да собира средства.
- Замислете го ова - едно дете влегува во вашата канцеларија и ве замолува да му позајмите 10.000 долари... тој нема искуство во бизнисот и не нуди камата за вашите пари. Колку време би поминало пред да го избркате од канцеларија за губење време? Најголемата пресвртница во мојот живот беше кога се качив на мојот велосипед и убедив 30 Канаѓани да ми позајмат по 10.000 долари, со што се собраа вкупно 300.000 долари - рече тој, а потоа призна дека сè уште „ќе го чистел снегот во Канада ако не му успеело ова“.
До декември 1969 година, Ковин го преселил семејството во Перт, каде што ја отворил својата прва франшиза на KFC.
- Тоа беше како да бушите нафта и да го пронајдете изворот „од прва“ - неверојатен успех. После тоа отвораш уште два ресторани, влегуваш во бизнисот со хамбургери, па доаѓаат пицериите, производството на храна и денес тој бизнис вреди три милијарди долари, со годишен приход од 300 милиони долари - вели тој.
Денес, Ковин има 98 отсто од сопственоста во неговата компанија, додека останатите два отсто им припаѓаат на некои од неговите инвеститори и акционери.
- Таа почетна инвестиција од 10.000 долари сега вреди 40 милиони долари по сметководствена вредност. Сите си ги вратија вложените пари, а тие што останаа вложени профитираа уште повеќе – рече тој.
Згора на тоа, денес 82-годишниот милијардер поседува повеќе од 380 локации на рестораните на Hungry Jack's, според официјален претставник на компанијата.
- Тајната е едноставна – што и да правите, правете го одлично. Луѓето кои ми позајмуваа пари веруваа во мене. Јас бев нивна инвестиција. И секогаш велам: кога не ја чувствуваш разликата помеѓу работа и игра, тогаш си на вистинското место. Јас всушност никогаш во животот не сум ’работел’ бидејќи уживав во се – заклучил тој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата