Во Холандија е отворена официјална истрага за сектата, која ја води 85-годишна самопрогласена исцелителка и егзорцистка, поради обвинувања за злоупотреба на следбеници, објавија светските медиуми. Таа претходно беше осудена за физичко повредување на следбеници за време на егзорцизам во 1990-тите.
Новата истрага ќе се фокусира на растечкиот број на обвинувања за наводна злоупотреба на деца, телесно казнување, психолошка манипулација, детски труд и обиди за практикување таканаречено „хомосексуално преобраќање“ во рамките на сектата, објави „NL Times“.
Според изјавите на сведоците, две сестри на возраст од шест и осум години биле принудени да учествуваат во ритуалот на егзорцизам, а за време на ритуалот, Трис П. наводно им наредила на девојчињата да се молат и да пеат, додека 14-годишно девојче, кое било голо под тушот, наводно било подложено на егзорцизам бидејќи се верувало дека е опседната од ѓаволот.
Трис П. претходно беше осудена на три месеци затвор за отсекување на ушите на девојче за време на егзорцизам во 1990-тите.
Три одделни кривични обвиненија беа поднесени против сектата во 2016 година, но тие не доведоа до апсења.
Според државното обвинителство, некои од наводните кривични дела се застарени, а за други тврдења, немало доволно докази за продолжување на кривичното гонење.
Сектата има седиште во фарма која се наоѓа помеѓу Туберген и Алмел.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата