logo
logo
logo

Во Гватемала се откриени остатоци од 3.000-годишен мајански град

Vecer | 31.05.2025

Во Гватемала се откриени остатоци од 3.000-годишен мајански град

Археолозите открија остатоци од речиси 3.000 години стар мајански град во северна Гватемала, со пирамиди и споменици што укажуваат на неговото значење како важен церемонијален центар, соопшти Министерството за култура на Гватемала.

Мајанската цивилизација се појавила околу 2000 година пр. н. е. и го достигнала својот врв помеѓу 400 и 900 година од нашата ера во денешно јужно Мексико и Гватемала, како и делови од Белизе, Ел Салвадор и Хондурас.

Градот наречен Лос Абуелос (на шпански „дедовци и баби“) се наоѓал на околу 21 километар од важното археолошко наоѓалиште Уаксактун, во северниот регион Петен во Гватемала, објави РТС.

Датира од таканаречениот среден прекласичен период, од околу 800 до 500 година п.н.е., и се верува дека бил „еден од најстарите и најважните церемонијални центри“ на цивилизацијата на Маите во џунглата Петен, во близина на границата со Мексико.

„Локацијата покажува исклучително архитектонско планирање“, со пирамиди и споменици врежани со единствена иконографија од регионот, соопшти министерството.

Градот е именуван по две скулптури – „пар предци“ – пронајдени на тоа место. Фигурите, датирани помеѓу 500 и 300 година п.н.е., би можеле да бидат поврзани со древни ритуални практики на обожавање на предци.

Уникатен систем на канали

Градот, кој зафаќа површина од околу 16 квадратни километри, го откриле гватемалски и словачки археолози во претходно малку истражени делови од паркот Уаксактун.

Тие, исто така, откриле пирамида висока 33 метри во близина, со мурали од прекласичниот период и „уникатен каналски систем“.

„Овие три локалитети заедно формираат претходно непознат урбан триаголник... Откритијата ни овозможуваат повторно да го испитаме разбирањето на церемонијалната и социо-политичката организација на предхиспанскиот Петен“, соопшти министерството.

Во април, научниците открија 1.000-годишен олтар од древната теотихуаканска култура во Мексико во Тикал, друго место во регионот Петен.

Откритието било протолкувано како доказ за врска помеѓу две претхиспански култури, кои живееле на растојание од околу 1.300 километри една од друга.

Тикал, на околу 23 километри од Уаксактун, е главното археолошко наоѓалиште во Гватемала и една од најголемите туристички атракции во земјата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk