logo
logo
logo

Британски мајор бил измамен од „Род Стјуарт“ , му дал 230.000 евра

Vecer | 21.01.2025

Британски мајор бил измамен од „Род Стјуарт“ , му дал 230.000 евра

Пензионираниот мајор Вејн Вестхед (65) инвестирал околу 230.000 евра во „шема за биткоини“ додека неговата сопруга се борела со рак. Барал начин да си ги зголеми приходите за да може да ги плати новите трошоци, но наишол на измамници.

Откако неговата сопруга почнала да се лекува, Вестхед видел реклама на Фејсбук за „шема за инвестирање во биткоин“ која ветувала високи приноси, со мал ризик. Рекламата била направена да изгледа како проектот да е поддржан од легендарниот музичар Род Стјуарт.

Британскиот пејач немал никаква врска со оваа приказна и неговиот лик бил целосно злоупотребен.

По првичниот контакт, измамниците го убедиле поранешниот војник дека е подобро да вложи поголеми суми пари, а откако првиот месец „заработил“ 700 евра, несреќникот се согласил.

„Со текот на времето почнав да инвестирам многу. За жал, мојата сопруга не беше подобра“, изјави тој за локалните медиуми.

Измамниците ја искористиле неговата емоционална состојба и го притискале да инвестира во „скапи“ и „комплексни шеми“ додека не им предал 180.000 евра од заштедата.

„Навистина не разбирав што правам, но ми беше кажано дека ќе имам 50 биткоини што ќе можам да ги извадам кога и да посакам“, објаснил Вестхед.

Тогаш цената на Биткоинот била 7.700, што би значело дека ќе „профитира“ околу 385.000 евра. Она што тој сепак не го знаел е дека неговите пари завршиле на лажни сметки, а потоа во џебовите на сајбер криминалците, пренесува Метро.

Во јули 2019 година, сопругата на Вестхед починала, а набргу потоа му биле дијагностицирани два типа на рак. Тоа не ги спречило измамниците да го искористат, па тој направил уште една инвестиција од 20.000 евра.

Кога се обидел да пристапи до инвестициите, му било кажано дека мора да плати 177.000 евра за да ја „отклучи“ неговата сопственост, што била последната капка.

„Ги контактирав и реков дека знам што прават. Бев беспомошен, разочаран од себе. Сè уште имав хипотека за куќата, која не ја исплатив“, вели поранешниот војник.

Тој открива дека измамничката шема траела четири години и дека на крајот се плашел дека ќе мора да се врати на работа, иако бил болен.

Во неверојатен пресврт на настаните, Вестхед успеал да си ги врати парите благодарение на напорите на една адвокатска фирма.

„Ја научив лекцијата и никогаш повеќе нема да ми се случи. Среќен сум што луѓето можат да ја слушнат мојата приказна и се надевам дека ќе им помогне навреме да ја препознаат измамата“.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk