Љубовта е прекрасна, но бракот бара многу повеќе од чувството на приврзаност. Според советничката за семејство и брак Тина Феј, одредени особини можат да бидат предупредувачки знаци дека партнерот можеби не е вистинскиот избор за брак. Подолу се дадени клучните особини што треба да ги избегнувате за да обезбедите здрава и среќна врска.
1. Недостаток на почит
„Почитувањето е основа на секој здрав однос. Ако вашиот партнер ве омаловажува, ги игнорира вашите чувства или потреби или не ве цени како рамноправна личност, тоа може да доведе до сериозни проблеми во иднина. Вие заслужувате некој што цени вашата индивидуалност и ќе го почитува вашето мислење“, објаснува Феј за „Hack Spirit“.
2. Емоционална недостапност
Партнерот кој е емотивно далечен или избегнува подлабоки разговори често создава чувство на осаменост во врската кај другиот партнер. Советничката истакнува: „Емоционалната поврзаност е клучна за здрава врска. Ако се чувствувате запоставено и несакано, можеби е време да ја преиспитате вашата врска“.
3. Недостаток на амбиција
Амбицијата не мора да значи големи цели во кариерата, но партнерот треба да има цел или некаква страст, вели Феј. „Без каква било желба за личен развој или заедничка иднина, врската може да стагнира. Заедничката визија е клучна за долгорочниот успех на врската“, објаснува таа.
4. Непочитување на границите
Границите го дефинираат прифатливото однесување во врската. Партнерот кој ги занемарува вашите емоционални, физички или ментални граници покажува недостаток на почит и разбирање.
„Почитувањето на границите е основа за здраво партнерство. Затоа љубовта е важна, но не е и доволна за успешен брак. Препознајте ги предупредувачките знаци и не плашете се да заминете од однос кој не го поддржува вашиот раст, среќа и благосостојба. Вистинскиот партнер го поттикнува најдоброто во вас и не создава дополнителен стрес“, заклучува советничката.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата