logo
logo
logo

Богојавление во Белгија – Ден на трите кралеви

Vecer | 06.01.2026

Богојавление во Белгија – Ден на трите кралеви

Во Белгија денеска се чествува христијанскиот верски празник Богојавление, кој за разлика од кај нас каде се прославува крштевањето на Исус од страна на Јован Крстител во реката Јордан, во белгиската традиција тој е поврзан со посетата на тројцата мудреци на бебето Исус во Витлеем.

Оттаму, празникот, кој во холандското говорно подрачје на Белгија е познат како „Ден на трите кралеви“, а во француското како „Празник на кралевите“, е посветен на посетата на тројцата кралеви-мудреци Каспар, Мелхиор и Балтазар на бебето Исус сместено во јаслите. Тоа се толкува како „(по)јавувањето на Господ Исус Христос пред незнабошците“, па оттаму и називот на празникот Богојавление.

Иако ова не е официјален државен празник и неработен ден, сепак многу Белгијци го прославуваат со сите религиозни конотации и карактеристики.

На овој ден деца облечени како тројцата мудреци одат од врата на врата и пеат богојавленски песни, за што домаќините ги наградуваат со пари, колачи или овошје. Нешто слично како нашите коледари.

Постои традиција за Богојавление да се спрема „Пита за тројцата мудреци“. Станува збор за погача над која се поставува круна од хартија во златна боја, а во неа се крие ситен предмет наречен „фев“, што во буквален превод значи грав.

Најмладиот член на семејството или на групата собрана на богојавленската трпеза обично седи под масата и без да гледа кажува тој што ја дели питата кое парче на која личност да му ја додели.

Така оној кај кого ќе се падне парчето од питата со „февот“ ќе биде крал или кралица на денот и треба да ја носи круната.

Оваа традиција се врзува со прославата на зимската краткодневица во античкиот Рим, познати како Сатурналии, кога се „бирал крал или кралица“ на празникот по пат на жрепка.

Според наводите во делото „Анали“ на римскиот историчар Тацит, во торта се ставало зрно грашок, кој бил првиот зеленчук што растел по зимата и се сметал за симбол на плодност. Оној член на семејството кај кого ќе се падне зрното грашок бил крунисуван за крал или кралица на денот и требало да му се исполни сите негови желби.

Подоцна во Средниот век, „должност“ на вака избраниот „крал“ била да плати за рунда пијалаци. Тогаш за да се спречат измами, грашокот често бил заменуван со порцелански топчиња.

Во последниве години и овој обичај се комерцијализира, па многу пекарници ширум Белгија подготвуваат празнични пити со предмет во нив, при што во некои има и златни парички.

Годинава, втора година по ред, во Брисел беше организиран и натпревар за најдобра „Пита за тројцата мудреци“ на кој учествуваа осум пекарници. Првата награда ја доби пекарата „Гудс“ од населбата Иксел.

Инаку, во белгиската традиција Богојавление се смета за завршување на сезоната на божиќните празници, што започнува со празникот Свети Никола на 6 декември. Оттаму до 6 јануари се чуваат и накитените божиќни елки и останатите декорации.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk