logo
logo
logo

Колку долго спиете влијае на ПРОЦЕСОТ НА СЛАБЕЕЊЕ

Vecer | 29.03.2026

Колку долго спиете влијае на ПРОЦЕСОТ НА СЛАБЕЕЊЕ

Ако се обидувате да ослабете, веројатно сте фокусирани на диета и вежбање - но можеби сте заборавиле на еден фактор што редовно се потценува, а тоа е спиењето.

Вашето време за спиење и квалитетот на спиењето можат директно да влијаат на хормоните што го контролираат гладот, метаболизмот и складирањето на масти, а со тоа и на целиот процес на слабеење.

Заедно со здрава исхрана и план за вежбање, времето кога одите на спиење може да диктира колку тежина ќе изгубите. Според Јулија Смирнова, доктор по превентивна медицина, најдобриот распоред за оние кои сакаат да ослабат и да го одржат здравјето е да си легнат околу 23 часот и да се разбудат околу 6 часот наутро.

Во тоа време, во нашиот организам се одвиваат бројни процеси. Прво, помеѓу 23 часот и 3 часот наутро, нивото на кортизол, хормонот на стрес, се нормализира. Кога е покачено, телото има тенденција да складира масти, особено во стомакот и колковите. Затоа доцното легнување може да го наруши овој процес.

Ако сонот се помести по полноќ, се јавува друг проблем: Нивото на грелин, хормонот на глад, се зголемува, додека лептинот, кој го испраќа сигналот за ситост, се намалува. Затоа следниот ден има посилна желба за слатки и висококалорична храна, што го отежнува контролирањето на исхраната.

Соматотропинот, познат како хормон за раст и обнова, се лачи и во текот на ноќта. Кај децата е клучен за развој, но не е занемарлив ниту кај возрасните - влијае на регенерацијата, одржувањето на мускулната маса и забавувањето на процесот на стареење. Ако сте будни во овој период, ви недостасува еден од најважните природни „механизми за поправка“ во телото.

Ноќта е исто така времето кога телото најинтензивно го „чисти“ системот, односно ги елиминира токсините. Тој процес е најактивен токму помеѓу 23 часот и 6 часот наутро. Кога е нарушен, телото потешко ги исфрла штетните супстанции, а масното ткиво почнува да игра улога на магацин за овие токсини, пренесува „РИА Новости“.

Начинот на кој спиеме е важен

Не е доволно само да си легнеме навреме, туку и да му обезбедиме на телото услови во кои може правилно да функционира. Една од најчестите навики што го нарушува квалитетот на спиењето е спиењето со вклучено светло. Иако изгледа безопасно, сè повеќе истражувања покажуваат дека може да има специфични последици врз метаболизмот и целокупното здравје.

На ова укажува неодамнешниот случај на млада жена од Кина, која достигна 100 килограми, со придружни проблеми како што се покачен шеќер во крвта и висок крвен притисок. По детална анализа, лекарите ја издвоија нејзината долгогодишна навика да спие во осветлена соба како еден од клучните фактори. За споредба, просечната телесна тежина на жените над 18 години во Кина е околу 59 килограми.

Проблемот е што светлината влијае на телото дури и кога очите се затворени. Таа продира низ очните капаци, ги активира фоторецепторите во мрежницата и испраќа сигнал до мозокот дека е ден. Како последица на тоа, се намалува лачењето на мелатонин - хормонот што го регулира спиењето и внатрешниот биолошки часовник.

Податоците дополнително го потврдуваат ова: луѓето кои редовно спијат со вклучено светло имаат 19 проценти поголем ризик од дебелина и 21 процент поголем ризик од дијабетес тип 2. Покрај тоа, истражувањата покажуваат 86 проценти поголем ризик од хипертензија, како и поголема поврзаност со депресија, анксиозност и нарушувања на функцијата на црниот дроб и цревната микробиота.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk