Американското Министерство за одбрана објави нова серија декласифицирани документи за неидентификувани аномални феномени (УАП), попознати како НЛО. Станува збор за дури 222 досиеја кои носат сведоштва на војници и оперативци за необични појави на небото, меѓу кои се споменуваат „зелени кугли“, „летечки дискови“ и „ватрени топки“, пренесува Sky News.
Објавувањето на документите е дел од поширокиот процес на отворање на воените архиви, кој се спроведува по налог на американскиот претседател Доналд Трамп. Иако процесот на декласификација трае уште од крајот на седумдесеттите години, актуелната администрација ја нагласува потребата од поголема транспарентност кон јавноста. „Овие документи, фотографии и видеоснимки, како што е официјално евидентирано за 'неидентификуваните аномални феномени', веќе долго време поттикнуваат разни шпекулации и теории“, изјави американскиот министер за одбрана Пит Хегсет, додавајќи: „Време е американскиот народ и сам да го види тоа“.
Посебно внимание предизвика извештајот од 116 страници за настаните во воениот комплекс Сандија во Ново Мексико од периодот меѓи 1948 и 1950 година, непосредно по инцидентот во Розвел. Во документите се наведуваат 209 сведоштва на воениот персонал кој пријавувал видувања на необични светлечки објекти во близина на базата. Се споменуваат „зелени кугли“, „брзи дискови“ и „ватрени кугли“ кои се движеле над стратешкото воено подрачје.
Новиот пакет се надоврзува на претходно објавените документи од мај, меѓу кои беа и транскриптите од мисиите на НАСА, Аполо 12 и Аполо 17. Астронаутите тогаш на контролата на летање ѝ пријавувале необични „светлечки честички и фрагменти“ во близина на Месечината. И покрај автентичноста на документите, експертите предупредуваат дека Пентагон и понатаму нема цврсти докази за вонземска технологија или за постоење на вонземски живот. Поголемиот дел од забележаните појави, според аналитичарите, може да се поврзат со воени тестирања или со ограничувањата на оптичките и радарските системи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата