Таксата за влез во Венеција, која првпат беше воведена во 2024 година, би можела значително да поскапи во блиска иднина.
Новоназначениот градоначалник на Венеција, Симоне Вентурини, најави предлог дневната такса за еднодневни посетители во одредени денови да се зголеми на 50 евра, со цел да се намали прекумерниот туризам.
Идејата доаѓа по податоци кои покажуваат дека сегашните цени, 5 евра за рана резервација и 10 евра за последен момент, немаат доволен ефект да го намалат бројот на туристи. Според податоците, во првите 42 дена од примената на системот биле платени над 514.000 такси, при што речиси половина од посетителите платиле 5 евра, а другите 10 евра.
Барањето за зголемување на таксата е поддржано и од дел од туристичката индустрија. Претставници од здруженија на хотелиери сметаат дека повисоката цена би можела да се користи како „регулатор“ за пренатрупаните денови во градот.
Според нив, 50 евра не е неразумна сума ако се спореди со билети за други туристички атракции низ светот. Локалните власти, пак, истакнуваат дека зголемените приходи би можеле да се користат за покривање на трошоците што жителите ги имаат поради туризмот.
Според најавите, оваа година е трета и последна тест-фаза за системот.
По летниот период, властите во Венеција ќе одлучат дали таксата ќе стане постојана мерка, дали ќе се применува цела година или само во периоди со најголем туристички притисок, како карневалот.
Таксата се наплаќа во одредени денови од април до јули, во периоди со најголем метеж, и важи од утро до попладне. Секако, постојат и исклучоци - не плаќаат жители на Венеција, студенти, вработени, како и туристи со однапред резервиран сместувачки капацитет.
Посетителите добиваат QR-код, а на влезните точки во градот се вршат проверки. Казните за непочитување можат да достигнат и до 300 евра.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата