Куче случајно застрела жена пред продавница во американската сојузна држава Небраска, откако неговиот сопственик влегол внатре да пазарува, соопшти локалната полиција. Полициските службеници во саботата напладне одговориле на дојава за пукање пред продавницата „Шорт Стоп“ во Скотсблаф, град кој се наоѓа на околу седум часа возење западно од Омаха. Како што пренесуваат локалните медиуми, на полицијата првично ѝ било кажано дека во инцидентот е користена воздушна пушка, но додека тие итно се упатувале кон местото на настанот, дознале дека всушност било испалено од вистинска сачмарка.
По пристигнувањето на местото на настанот, полицајците пронашле камионет со кампер-приколка и забележале оштетување на совозачката врата, кое целосно одговарало на истрел од сачмарка. Според полицискиот извештај, сопственикот на возилото влегол во продавницата, додека друго лице стоело надвор, веднаш до совозачката врата. Во тој момент, кучето, чија раса не е официјално објавена, седело на задното седиште и одеднаш скокнало од едната на другата страна на возилото.
При овој скок, животното случајно го активирало наполнетото оружје кое се наоѓало во камионетот. По испукувањето на куршумот, кој поминал низ вратата на возилото, била погодена жена во горниот дел од десната рака, чиј идентитет не се открива. Во моментот на инцидентот, несреќната жена со својот автомобил стоела на блискиот семафор, со раката потпрена на отворениот прозорец. Таа веднаш била пренесена во болница каде што ѝ била укажана медицинска помош.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата