Норвешка воведува речиси целосна забрана за користење на алатки со вештачка интелигенција (АИ) за учениците во основните училишта. Истовремено, земјата строго ќе ја ограничи нивната употреба и кај постарите ученици со цел да се спречи негативното влијание врз процесот на учење, соопшти норвешкиот премиер Јонас Гар Стере.
Оваа радикална одлука доаѓа откако земјата се соочи со голем пад на резултатите на училишните тестови, поради што во 2024 година веќе беа забранети и паметните телефони во училиштата.
„Користењето на вештачката интелигенција го зголемува ризикот малите деца да прескокнат клучни чекори во своето образование. Најважното нешто во училиштето е нашите деца да научат да читаат, да пишуваат и да сметаат“, изјави премиерот Стере, додавајќи дека новите стандарди стапуваат на сила од новата училница година во август.
Норвешка беше една од првите земји што воведе компјутери во училиштата во 90-тите и таблети по 2010 година, максимално исфрлајќи ги печатените книги. Сега, правејќи целосен пресврт, владата најави и нов закон со кој финансиски ќе го поддржи купувањето и враќањето на традиционалните книги и пишувањето со рака.
Дополнително, во тек е и план за целосна забрана на социјалните мрежи за лица под 16 години, следејќи го глобалниот тренд што го започна Австралија со цел драстично да се намали времето што младите го поминуваат пред екраните.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата