Културното богатство на поранешното германско царско семејство Хоенцолерн (Hohenzollern) ќе биде трајно сместено во музеи во Берлин и Бранденбург, објави новиот министер за култура Волфрам Вајмер.
Станува збор за илјадници предмети.
По речиси 100 години спор, потомците на последниот германски цар постигнаа важен договор со владата и покраините Берлин и Бранденбург, соопшти Вајмар во понеделник.
„Овој договор е огромен успех за Германија како културна дестинација и за публиката што ја сака уметноста“, додаде министерот.
„Сто години постоеше постојана неизвесност околу предметите што се од централно значење за историјата на уметноста и колекциите на Прусија, а со тоа и за германската историја како целина.“
Богатството вклучува портрет на изборниот кнез Јоаким I од Бранденбург, насликан од уметникот Лукас Кранах Постариот, и маса за градската палата во Вроцлав, набавена од царот Фредерик II во 1750 година.
Договорот опфаќа вкупно 27.000 предмети, според весникот „Тагесшпигел“. Правата на сопственост и побарувањата се спорни уште од 1926 година.
Со прогласувањето на Вајмарската Република и абдикацијата на царот Вилхелм II (Вилхелм), монархијата во Германија била укината во 1918 година. Имотот на династијата Хоенцолерн бил конфискуван.
Во 1926 година, меѓу тогашната Прусија и Хоенцолерн бил потпишан договор за да се разјасни што кому му припаѓа. Сепак, неизвесностите околу барањата за сопственост и надомест на штета продолжија со децении.
Династијата Хоенцолерн – моментално предводена од Георг Фридрих, принц од Прусија, праправнук на последниот германски цар, Вилхелм II – поседувала илјадници предмети што сега се наоѓаат во музеи.
Принцот преговараше со федералните и покраинските власти од 2014 година, барајќи богатство и финансиска компензација за експроприраните палати и имоти.
Судските постапки ги забавија преговорите неколку години, но во 2023 година тужбите беа решени, отворајќи го патот за нови преговори минатата есен.
Предметите ќе останат на нивните сегашни локации, вклучувајќи ја Фондацијата за пруски палати и градини Берлин-Бранденбург (SPSG), Фондацијата за пруско културно наследство (SPK) и Германскиот историски музеј (DHM) во Берлин.
Јавноста сè уште ќе може да ги види уметничките дела.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата