Православните верници во Македонија денеска го празнуваат Светиот великомаченик Пантелејмон или како што е познато светецот кој ги лекувал луѓето.
Според легендата, Свети Пантелејмон уште како момче ги изучувал лекарските науки. Бил обвинет поради тоа што бил христијанин, и бидејќи не сакал да се одрече од својата вера, бил осуден ан смрт за време на царот Максимилијан, на почетокот од 4.век.
Легендата вели дека на губилиштето Св.Пантелејмон клекнал да се помоли. Џелатот го удрил со мачот по врат, но мачот се скршил на половина.
И никако не можел да го сосече сè додека светецот не ја завршил молитвата и самиот рекол дека е подготвен.
За Свети Пантелејмон народот верува дека му е брат на Свети Илија.
Верувања:
Ако планирате да започнете некоја работа, тогаш денот кога се празнува овој светител и вистински ден за тоа!
Се верува дека секоја започната работа Свети пантелејмон ќе ја благослови и ќе ја направи успешна.
Исто така, доколку сте планирале патување, тргнете токму на овој ден.
Свети Пантелејмон бил голем патник, а на тој ден е заштитник на сите оние на кои улицата им е втор дом.
Доколку на овој ден во црква се сретнат две непознати лица кои денот го слават како куќна слава, веднаш треба да си честитаат и прегрнат, бидејќи се верува дека се роднини.
Св. великомаченик Пантелејмон
Свети Пантелејмон се роди во Никомидија од татко незнабожец, Евсторгиј, и мајка христијанка, Евула. Во младоста ја изучи лекарската вештина. Подоцна поверува во Христа и се крсти.
Господ му имаше дадено голема благодат да лечи од секакви болести, не само користејќи ја лекарската вештина, туку и со силна молитва.
Така излечи и еден слепец од кого сите лекари веќе беа дигнале раце. А тоа ги побуди истиве, поради нивната завист, да го обвинат пред властите како христијанин.
Свети Пантелејмон беше ставен на маки, а откако стана јасно дека ништо не може да го поколеба во верата во преслаткиот Господ го испратија на губилиште, под некое маслиново дрво.
Тој клекна на колена, се помоли на Бога, а потоа му беше отсечена главата.
Пострада во 304 година. Чудотворец во текот на животот, тој продолжи да исцелува и преку неговите свети мошти кои се зачуваа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата