Сите сме слушнале за необични домашни трикови, од истурање сода бикарбона на тепихот за отстранување на нечистотијата, до премачкување на кадата, плочките и просторот околу тоалетот со крем за бричење за елиминирање на мирисот на урина, до поставување алуминиумска фолија зад радијаторите за намалување на загубата на топлина во просторијата. Сега, на оваа листа на необични, но наводно корисни совети, има уште еден што звучи исто толку апсурдно: втријте цимет на прозорците. Иако може да изгледа како шега, идејата е поддржана од експерти за контрола на штетници кои тврдат дека миризливиот зачин може да помогне во решавањето на еден од најчестите есенски проблеми – наездата од пајаци.
Сезоната на есенски пајаци е во полн ек, а оваа година тие се чини дека се поголеми од кога било. Како што летото се претвора во есен, речиси и да не поминува вечер без пајак на ѕидот или подот од вашата дневна соба. Или, уште полошо, да заврши меѓу вашата облека или во вашиот кревет. Токму затоа луѓето кои се плашат од пајаци посегнуваат по секакви совети за да ги спречат да влезат во нивните домови. Еден од триковите што експертите особено ги препорачуваат вклучува – цимет.
Се испостави дека овој зачин, кој најчесто го поврзуваме со колачи или греано вино, има и антифунгални и антибактериски својства што го прават корисен надвор од кујната. Освен што се користи за чистење теписи или како додаток во храна за птици, циметот може да се користи и како природен репелент против пајаци и други несакани гости.
„Овој зачин е многу повеќе од обична кулинарска состојка. Неговиот силен мирис може да ги одбива инсектите како што се мравките и лебарките. Посипете мелен цимет на местата каде што сте забележале штетници и гледајте ги како ги избегнуваат“, велат експертите од компанијата Youngs Pest Control, пренесува британскиот Express.
Според нивните совети, циметот може да се користи на два начина. Во сурова форма, како прашок во мали чинии или кесички што се ставаат во близина на прозорци и врати, или како спреј. Спрејот се подготвува со мешање на една лажица мелен цимет со една чаша вода, а потоа течноста се прска врз рамките на прозорците и влезовите во куќата.
На социјалните мрежи можете да наидете и на трикови со кора од цимет, која се поставува на стратешки места.
Иако циметот игра главна улога во овој совет, експертите од Youngs Pest Control нагласуваат дека постојат и други мирисни состојки кои имаат сличен ефект. Пајаците и многу други инсекти наводно не можат да го поднесат мирисот на лаванда, нане, лук или оцет.
„Етеричните масла, како што е маслото од нане, се природни средства против инсекти“, рекоа тие, додавајќи дека едноставното мешање на неколку капки есенцијално масло со вода и прскање низ домот ќе создаде освежителен мирис, а воедно ќе ги одбие штетниците.
„Измешајте 10 до 15 капки масло од нане со вода во шише со распрскувач. Добро протресете и прскајте по первазите, прозорците и вратите. Памучни топчиња натопени во смесата може да се стават и на места каде што често се појавуваат инсекти“, препорачаа тие.
Се испостави дека решението за несаканите пајаци во домот може да се крие токму на кујнската полица – во тегла со цимет. Ако ништо друго, барем куќата ќе ви мириса на колачиња.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата