Подготовката на домашни оброци би можела да го намали ризикот од развој на деменција за повеќе од една четвртина, сугерира нова студија. Научниците откриле дека луѓето кои готвеле „од нула“ барем еднаш неделно имале значително помала веројатност за развој на деменција, при што најсилни придобивки се забележани кај оние со многу малку претходно искуство во кујната.
Студијата, објавена во списанието Journal of Epidemiology & Community Health, следела 10.978 возрасни лица на возраст над 65 години во период од шест години, до 2022 година. Учесниците биле замолени да ги оценат своите кулинарски вештини, што им овозможило на истражувачите да проценат како честото готвење и искуството се поврзани со ризикот од деменција.
Мажите кои редовно готвеле имале 23 проценти помал ризик од деменција, додека кај жените шансите биле за 27 проценти помали во споредба со оние кои не готвеле. Зачудувачки е тоа што оние со ограничени кулинарски вештини имале најголеми придобивки – со дури 67 проценти помал ризик. Научниците сугерираат дека овој резултат може да ја одразува когнитивната стимулација вклучена во учењето нови вештини.
„Ризикот од деменција се намалуваше со почестото готвење, а придобивките беа особено значајни за оние со малку искуство во кујната. Создавањето средина во која луѓето можат да готват оброци кога ќе остарат може да биде важно за превенција на деменцијата“, велат авторите на студијата.
Студијата го проценила нивото на вештини на учесниците во различни фази на подготовка на храната, вклучувајќи ја нивната способност за лупење овошје и зеленчук, како и нивната компетентност во подготовка на манџи и варива. Околу половина од испитаниците изјавиле дека готват еднаш неделно. Во текот на шесте години, колку што траело истражувањето, околу 1.195 учесници развиле деменција, а 870 починале.
Авторите напоменаа дека ограничувањата на нивната студија вклучуваат тоа што таа била опсервациска, што значи дека не можат да докажат директни причини за своите резултати. Исто така, наведоа дека случаите на блага деменција би можеле да бидат испуштени од податоците во регистарот и дека резултатите може да се разликуваат во зависност од различните култури и видот на храната што се консумира.
И покрај тоа, овие резултати се сметаат за поттик за едноставна и лесно применлива стратегија за зачувување на здравјето на мозокот. Ако притоа се земат предвид и резултатите од други студии – како оние кои покажуваат дека медитеранската исхрана може да го намали ризикот од деменција до 23 проценти – придобивките за мозокот ќе бидат уште поголеми доколку таквата храна сами ја подготвувате.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата