Кинеските медиуми неодамна објавија трогателна приказна за една жена која се одлучила да ја лаже својата баба повеќе од една деценија. Имено, внуката се решила на ваков чекор се со цел да ја поштеди својата баба од голема болка а за таа цел била приморана и да ангажира и луѓе кои ќе глумат во приказната.
Ченг Јенинг на свои 46 години ја загубила својата баба, која починала откако наполнила 100 години. Но, во последните 13 години од нејзиниот живот, нејзината баба верувала дека нејзината ќерка, мајката на Ченг се уште е жива.
Имено, мајката на Ченг умрела во 2003та година, но знаејќи дека оваа вест ќе го скрши срцето на нејзината баба, таа решила да ја скрие веста. А за да нејзината баба поверува во целата приказна, Ченг морала да изнајми и жена која ќе го имитира гласот на најзината мајка.
Впрочем, мајката на Ченг, Јинг Конгронг и нејзината баба биле многу блиски. Во 2003та година на Јинг и бил дијагностициран рак на белите дробови. Знаејќи дека не и преостанува многу време таа снимила десетици гласовни пораки и ги замолила своите деца да и ги пуштат на нивната баба се со цел да не се грижи и да не умре од тага.
Ченг ја исполнила желбата на својата мајка. Таа и ги пуштала снимките на својата баба. На некои од гласовните пораки Јинг се жали на ладното време и ја потсетува својата мајка да ги пие своите лекови. На другите пак ја советува да станува пополека од креветот се со цел да не падне и ја уверува дека ќе ја посети.
Овие гласовни пораки и помогнале на Ченг барем на кратко да не и ја открие вистината на својата баба, но и било повеќе од јасно дека нејзината баба со тек на време ќе сфати дека нешто не е во ред и ќе почне да поставува прашања.
Па така, таа била примирона да изнајми жена која ќе го имитира гласот на својата мајка и која ќе и се јавува секој ден на старицата.
Жената која го имитирала гласот на Јинг се вика Чен Випинг. Таа ја ислушала приказната на Ченг и решила да и помогне. Секојдневно го вежбала гласот на Јинг и кога мислела дека е подготвена и се јавила на бабата. Но, бабата веднаш препознала дека нешто не е во ред. Таа инсистирала да каже кој се преставува како нејзината ќерка, додека пак Випинг упорно ја убедувала дека станува збор за нејзината ќерка.
На крајот на разговорот, Ченг морала да и објасни на баба и дека нејзината мајка е зарипната поради ладното време.
Но и ова не било доволно, па во лагата морале да учествуваат и браќата и сестрите на Ченг, кои 13 години ја убедувале старицата дека нејзината ќерка е жива.
Випинг и се јавувала на бабата често нудејќи и милион изговори зошто не може да дојде да ја посети, а меѓу тие изговори била и операција на срце.
Имено, изговорите врзани со здравствени проблеми секогаш помагале, односно старицата ја предупредувала својата ќерка да се грижи за себе. Иако на сите им било јасно дека бабичката ја заслужува вистината, сепак никој од внуците немал срце да и ја соопшти тажната вест.
Неодамна, бабичката прославила 100 години а на роденденската прослава присуствувале сите нејзините роднини и внуци, но не и нејзината ќерка. Таа кажала дека е пресреќна што ги гледа сите на едно место, но истовремено е и тажна бидејќи ја нема видено својата ќерка повеќе од една деценија.
Ченг ја уверила својата баба дека причината за отсуството на нејзината мајка е бидејќи морала да го чува детето на еден од синовите.
Неколку месеци по роденденската прослава, бабата на Ченг умрела. Ченг за локалните весници изјавила дека верува дека тоа што го направила е правилно и дека успеала да ја поштеди својата баба од голема болка.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата