Најновите податоци објавени во извештај на социјалната мрежа X оваа недела, кои беа обврзани да ги објават за да се усогласат со клучниот технолошки пропис на Европската Унија – Законот за дигитални услуги, покажуваат нагло намалување на бројот на корисници во Европа.
Од август минатата година, платформата изгуби 11 милиони европски корисници, а најголемиот „егзодус“ е регистриран во Франција (2,7 милиони), Полска (1,8 милиони) и Германија (1,3 милиони).
Денес, платформата има околу 95 милиони корисници во Европа, што е намалување во споредба со околу 105 милиони минатата година, што претставува пад од 10,5 проценти за шест месеци. Литванија и Луксембург изгубија една четвртина од своите корисници.
Маск – кој беше еден од најистакнатите советници на американскиот претседател Доналд Трамп во текот на првите 100 дена од неговиот втор мандат – го купи X, тогаш познат како Твитер, во 2022 година. Неговите промени во правилата на платформата и неговото охрабрување на десничарските политички движења од САД до Европа предизвикаа критики за зголемување на дезинформациите и говорот на омраза на таа мрежа, потсетува Klix.ba.
Градот Париз ја напушти платформата во јануари, придружувајќи се на голем број други профили кои избегаа по преземањето од страна на Маск, од легендарниот писател на хорор романи, Стивен Кинг, до Универзитетот во Лидс и медиуми, вклучувајќи го и британскиот весник „Гардијан“.
Европската комисија истражува дали X ги почитува барањата на ЕУ за дејствување во врска со нелегалната содржина и лажните вести од 2023 година и ја обвини платформата за кршење на законот минатиот јули, иако сè уште не ја изрече долгоочекуваната казна.
Компанијата за електрични возила на Маск, „Тесла“, исто така, забележа пад во Европа во последните месеци, при што продажбата падна за повеќе од 50 проценти помеѓу јануари и февруари оваа година, објави „Политико“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата