Филип Зечевиќ, Англичанец со црногорски корени, решил да сврти нов лист во животот - оставил сигурна работа и запловил во претприемничките води. Неговата идеја од самиот почеток била јасна: да направи премиум ајвар и да го претстави на британскиот пазар. Иако производот се уште не е официјално пуштен во продажба, интересот е огромен, а неговите први клиенти се веќе воодушевени.
„Минатата година ја напуштив работата за да се посветам на мојата страст. Овие тегли ајвар се огромен дел од моето патување“, рече Филип во едно од неговите видеа на Инстаграм, каде што има повеќе од 400.000 следбеници. Објаснувајќи што прави, тој истакна дека ајварот е густ сос направен од печени црвени пиперки – традиционален балкански деликатес што сега сака да му го претстави на светот.
Се започнало со 100 тегли
Првиот чекор бил скромен, но значаен – направил стотина тегли ајвар и им ги поделил на своите познаници. Нивните реакции биле одлични. Сите биле воодушевени од вкусот, па Филип почнал сериозно да размислува како да го понуди овој производ на повеќе луѓе.
Тој инвестирал многу време во тестирање на рецепти, барајќи ги вистинските состојки, пакувањето и дизајнот на етикетата. Бил речиси подготвен да го објави својот бренд, но набрзо сфатил дека сериозното производство бара помош од искусни луѓе. Затоа решил да се здружи со професионален производител од нашата земја, кој ќе прави ајвар по негов рецепт, но во поголеми количини.
Ајварот наскоро ќе се најде во продажба во Лондон
Филип и неговиот тим веќе имаат произведено неколку стотици тегли кои наскоро ќе бидат достапни за клиентите во Лондон. Со оглед на огромниот број луѓе кои ја следат неговата работа на социјалните мрежи и секојдневно му пишуваат колку едвај чекаат да пробаат ајвар, Филип со право верува дека проектот ќе има голем успех.
„Ајварот е повеќе од храна. Тоа е приказна, традиција и сеќавање на корените. Сакам да им покажам на луѓето во Англија што значи вистинскиот домашен вкус на Балканот“, вели тој.
Од хоби до сериозен бизнис
Патувањето на Филип до претприемништво започнало сосема случајно. Тој најпрво споделил фотографии од вегански јадења на Инстаграм за да се мотивира да се храни поздраво. Со текот на времето неговата содржина станала препознатлива, а профилот привлекол илјадници луѓе ширум светот. Денес е познат како креатор кој комбинира веганска кујна со балкански корени.
Неговите рецепти и приказна беа препознаени од големите брендови, а имаше можност да соработува со познатиот готвач Џејми Оливер на неколку проекти. Медиумите веќе почнаа да пишуваат за неговата необична претприемничка идеја, а интересот за ајварот секојдневно расте.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата