Во Италија во летниот период, употребата на одредени зимски и гуми за сите сезони повеќе не е дозволена. Внимание, оваа забрана важи и за странци, а минималната казна за оние кои ги прекршуваат новите правила за гуми е 431 евро.
Според новата регулатива, која веќе стапи на сила, во периодот од 16 мај до 15 октомври, во Италија не е дозволено да се вози автомобил опремен со зимски или гуми за сите сезони.
Оваа забрана важи за сите моторни возила и приколки, со исклучок само на мотоцикли. Новото законодавство се однесува не само на возила регистрирани во Италија, туку и на возила регистрирани во странство.
Интересно е што законот не наведува експлицитно дека забраната се однесува на зимски гуми и гуми за сите сезони.
Всушност, клучна точка е индексот на брзина (Speedindex) на гумата, т.е. максималната дозволена брзина на гумата според сертификацијата на производителот.
Оваа законска одредба забранува употреба на гуми со помал индекс на брзина од оној што се наоѓа во сообраќајната дозвола на возилото (сообраќајните дозволи на земјите од ЕУ).
Сообраќајните дозволи во земјите-членки на ЕУ содржат информации за димензиите на гумите и индексот на брзина на гумите.

Во законот е дефинирано дека во зимскиот период индексот на брзина на гумата може да биде помал од оној што се наоѓа во сообраќајната дозвола, односно од оној што го припишува производителот за летната гума.
Италијанците сега издадоа одредба со која се забранува употреба на гуми со помал индекс на брзина од оној внесен во сообраќајната дозвола на возилото во текот на летниот период.
Ова практично значи дека во Италија, во периодот од 16 до 15 октомври, е дозволено да се вози автомобил опремен со зимски или гуми за сите сезони, само ако гумите имаат индекс на брзина внесен во дозволата на автомобилот.
Италијанскиот закон за патен сообраќај пропишува казна од 431 до 1.734 евра за сите оние што ќе ја прекршат оваа законска одредба.
Дали ова важи за возачите од Македонија?
Да. Новите прописи важат за сите странци кои управуваат со возило во Италија.
Препорака е да НЕ патувате во Италија во периодот од 16 мај до 15 октомври со возило опремено со зимски или гуми за сите сезони.
Треба да се знае дека според италијанските закони, полицијата има право да го конфискува возилото заради последователен преглед, при што ќе се провери дали се монтирани гуми со задоволителен индекс на брзина.
Индексот на брзина на гумата се наоѓа на гумата зад информациите за големината на гумата.
Индекси на брзина - максимална дозволена брзина на гумите:
P 150 km/h
Q 160 km/h
R 170 km/h
S 180 km/h
T 190 km/h
H 210 km/h
V 240 km/h
VR преку 210 km/h
ZR преку 240 km/h
W 270 km/h
Y 300 km/h
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата