Членови на персоналот кои ја обвинија Меган Маркл за злоупотреба и малтретирање биле исплашени поради нејзината репутација и „бесконечната моќ за одмазда“. Меган постојано ги негира обвинувањата, опишувајќи ги како организирана кампања на лаги, но многумина кои работеле за неа сè уште ги чувствуваат последиците од тој период. Британскиот новинар и писател кој ја следи кралската фамилија, Валентин Лоу, првпат ја објави оваа приказна во мај 2021 година, непосредно пред сензационалното интервју на Меган и Хари со Опра Винфри, кое предизвика вистинска бура во јавноста.
Според Лоу, членовите на персоналот биле во „психички деликатна состојба“, загрижени поради моќта на Меган за одмазда. „Имаа чувство дека нејзината желба за одмазда е бесконечна. Дури и откако се откажаа и ја напуштија кралската служба, стравот и несигурноста не стивнуваа“, изјави Лоу за американското „ YouTube show Unfiltered “. Ситуацијата околу Меган и Хари останува комплексна и предизвикувачка, што го потврдува и фактот дека од 2017 година загубиле над 25 членови на персоналот.
Џејсон Кнауф, поранешен портпарол на Хари и Меган, кој некогаш бил многу близок со парот, беше еден од ретките кои јавно проговорија за проблемите при работа со војвотката. Уште во 2018 година, Кнауф во интерен емаил предупреди дека Меган „постојано се насочува кон некого кого ќе го малтретира“, и дека „злоупотребувала двајца колеги, нарушувајќи им ја самодовербата“. Кнауф ја напушти кралската служба во 2021 година, но оваа година принцот Вилијам, и покрај својот конфликт со Хари, го именуваше Џејсон за директор на проектот Earthshot.
Портпаролот на парот ги нарече обвинувањата „лажни, навредливи и одамна дискредитирани“, тврдејќи дека се дел од кампања со цел да се демонизира жена која се бори за правда и достоинство. Бакингемската палата спроведе интерна истрага за обвинувањата, но нејзините резултати никогаш не беа објавени, оставајќи многу неодговорени прашања.

ДИКТАТОРКА НА ШТИКЛИ
Иако некои поранешни соработници ја опишуваат Меган како грижлива и дарежлива, други тврдат дека поранешната актерка има и темна страна. Според сведоштва, знаела да биде многу немилосрдна, особено во моменти кога работите не оделе по нејзина волја.
Меган е позната како захтевна и „тешка“ за соработка, а неодамна се дозна и дека вработените во Spotify, кои соработувале со неа на поткаст кој брзо згаснал, немале убави зборови за неа. Таа, наводно, добила прекар „Ева“, по ликот на Џоан Крафорд од филмот Queen Bee од 1955 година. Станува збор за манипулативна припадничка на високото општество која „ги боцка своите жртви“, што според тврдењата на персоналот совршено го опишувало искуството на работа со Меган.
Војвотката од Сасекс и сопруга на принцот Хари веќе неколкупати беше мета на критики за своето однесување. Едно лице кое имало можност да работи со Меган Маркл откри каква била кога нешто ќе тргнело наопаку.
„Беше навистина ужасно и многу болно“, изјавил за Венити фер неименуван вработен кој работел со Меган Маркл на разни проекти. „Како да игра шах, но целосно свесна каде се наоѓаат сите фигури на спротивната страна од таблата. Во еден миг можете да бидете фрлени на волците“, сликовито опишал. Изворот додава дека Меган била топла на почетокот на нечие вработување, но тоа брзо се менувало доколку не биле исполнети барањата нејзини или на нејзиниот сопруг, принцот Хари.
Ова не е првпат нејзините поранешни соработници да споделуваат контрадикторни искуства со медиумите. Претходно била обвинета за малтретирање на персонал во палатата, а во септември беше наречена „диктаторка на високи штикли“ која „довела мажи до солзи“. Исто така, се пишуваше дека шефицата на нејзиното обезбедување си заминала бидејќи Меган ѝ ја отежнувала работата.
„Таа ги омаловажува луѓето, не прифаќа совети“, изјави тогаш извор за Холивуд репортер, додавајќи и за Хари: „Двајцата носат лоши одлуки, често го менуваат мислењето. Додека Хари е многу, многу шармантен и во голема мера помага, таа е едноставно ужасна“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата