Американскиот фармацевт Грант Хартинг купил таблета на една бензинска пумпа, по што ја испратил во лабораторија на анализа, а резултатите ги сподели на социјалната мрежа ТикТок.
Станува збор за таблета која во дел од САД може да се купи без лекарски рецепт, а за која тој утврдил дека содржи огромна количина од потенцијално смртоносниот наркотик „7-OH“, како и други хемикалии со непознато потекло. Супстанцата „7-OH“ потекнува од кратом, лековита билка која производителите сега ја користат за да направат далеку помоќна таблета, наведува „Њујорк пост“ (New York Post), додавајќи дека ова технички не е опиоид, но дејствува многу слично.

Бројот на хоспитализации и смртни случаи поврзани со кратом драстично порасна во последните десет години, токму затоа што супстанцата „7-OH“, која уште ја нарекуваат и „хероин од бензинска пумпа“, буквално го преплавува пазарот. Но, таа и понатаму е легална во повеќето сојузни држави, поради што експертите предупредуваат дека би можела да го предизвика следниот бран на опиоидна епидемија во земјата.
Кратомот, а особено „7-OH“, е исклучително опасен кога се меша со алкохол и други таблети. Дополнителен проблем во САД е што корисниците честопати воопшто не знаат дали купуваат обичен кратом или потенцијално тежок наркотик кој предизвикува зависност, со оглед на тоа што производителите во многу држави немаат законска обврска да го наведат „7-OH“ на етикетите од производите.

Самиот процес на производство на „7-OH“, исто така, создава непознати нуспроизводи кои завршуваат во крајната смеса. Па така, и анализата на фармацевтот Хартинг покажала присуство на дополнителни хемикалии кои тој не можел ниту да ги идентификува.
Од друга страна, застапниците за користење на кратомот тврдат дека „7-OH“ може да биде моќен лек за лекување на зависноста од класичните опиоиди. „Брзањето да се забрани ’7-OH’ без цврсти научни истражувања би можело да ги турне луѓето кон уште поопасни супстанци“, соопштија од здружението „7-Hope Alliance“.

Сепак, експертот за кратом од Универзитетот во Флорида, д-р Оливер Грундман, децидно истакнува дека оваа супстанца во никој случај не би смеела да се продава во обични продавници и на киосци. „Таа мора да биде соодветно означена и достапна исклучиво преку некој кој може да даде стручно водство, како што е лиценциран фармацевт“, заклучува тој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата