Постои едно растение кое речиси сите го имаат, стои некаде помеѓу телевизорот и прозорецот, се полева кога ќе ни текне и се набљудува само како уште еден убав детаљ во просторот. А всушност, токму тоа растение често најточно покажува каква е атмосферата во домот. Спатифилумот, кај нас познат како „женска среќа“, не го добил тоа име случајно, но не е ни магија само по себе. Ако му пристапите површно, ќе биде само уште една саксија. Ако го разберете, ќе реагира.
Не е случајно што им се подарува на жените
Ова растение доаѓа од тропските предели на Јужна Америка, но кај нас доби сосема поинаква симболика. Се подарува на млади девојки, се внесува во нов дом, се носи како мал знак на желба за мир и стабилност. Неговите бели цветови, кои повеќе личат на тивки, затворени форми отколку на раскошни ливчиња, всушност симболизираат смиреност и рамнотежа.
Во пракса, луѓето го доживуваат како „растение за среќа“, но она што се премолчува е дека тоа многу брзо реагира на условите во кои живее. Ако во просторот има стрес, занемарување или лоша енергија, прво ќе го покаже тоа преку листовите.
Каде грешиме со „женската среќа“?
Најчестата грешка не е во тоа што луѓето не знаат како да го негуваат, туку што го третираат како универзално растение кое ќе опстане каде и да го ставите. Нема. Спатифилумот бара светлина, но не директно сонце. Ако го изложите на јаки зраци, листовите ќе пожолтат и ќе ја изгубат цврстината. Ако го тргнете предалеку, ќе престане да цвета.
Просторот мора да му биде стабилен. Промаја, радијатори, сув воздух – сето тоа влијае врз него многу повеќе отколку што мислат луѓето. Идеално место е неколку метри од прозорецот, каде што има доволно светлина, но без директен удар на сонцето.
Постои уште една работа што речиси сите ја прават погрешно
Прекумерно полевање. Луѓето имаат потреба да „направат нешто добро“ за растението, па го полеваат почесто отколку што треба. Кај спатифилумот работата е обратна – тој многу јасно покажува кога му е потребна вода. Листовите тогаш благо се спуштаат и ја губат цврстината.
Дури тогаш се полева, и тоа со отстојана вода на собна температура. Ладната вода директно од чешма може да предизвика шок кај коренот и да го забави растот.
Ако сакате да цвета, мора да го слушате
Ова растение не реагира на распоред, туку на однос. Ако постојано го преместувате, игнорирате или полевате без размислување, ќе престане да дава цветови. Ако му пронајдете место и научите да ги читате сигналите што ги испраќа, многу брзо ќе ви возврати.
И тогаш веќе не е само растение. Станува нешто што навистина го менува просторот во кој живеете.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата