Најавата за новото правило на Оскарите е наречена лудост:
Американската академија за филмска уметност и наука објави низа нови правила што ќе важат за следните Оскари, закажани за 15 март 2026 година.
Една од главните новости е тоа што сите членови на Академијата ќе мора да ги гледаат сите филмови во категориите за кои гласаат. Досега, тоа беше само препорачано, а гласачите ги избираа категориите за кои сметаа дека имаат доволно знаење, но не беа обврзани да ги гледаат сите номинирани филмови.
-Членовите на Академијата сега мора да ги гледаат сите номинирани филмови во секоја категорија за да имаат право да гласаат во финалната рунда, се вели во соопштението на филмската академија.
Многумина беа изненадени од фактот дека такво правило не беше на сила досега, но останува нејасно како ќе се спроведува оваа обврска и како ќе се проверува дали гласачите ги имаат гледано сите филмови.
Академијата, исто така, воведе нови правила поврзани со употребата на вештачка интелигенција, статусот на режисерите кои избегале од своите домови, како и нова награда за кастинг.
Кога станува збор за вештачка интелигенција, правилникот вели: „Употребата на генеративна вештачка интелигенција и други дигитални алатки при креирање филм ниту помага, ниту ги намалува шансите за номинација“.
Употребата на вештачка интелигенција во филмската индустрија е предмет на жестока дебата веќе долго време. За време на овогодинешната трка за Оскар, филмот „The Brutalist“ предизвика контроверзии откако беше откриено дека вештачката интелигенција била употребена за подобрување на унгарскиот дијалог што го зборуваат Адриен Броди и Фелисити Џонс.
Академијата нагласи дека проценката ќе земе предвид колку човечката креативност била во центарот на креативниот процес. Во категоријата за најдобар меѓународен филм, со новата одлука, авторите со статус на бегалец или азилант ќе можат да ја претставуваат земјата што ги примила, дури и ако тоа не е нивна татковина.
Исто така, Академијата ги објави правилата за нова категорија која наградува „исклучителен кастинг“, т.е. екипата. По почетната рунда на гласање и формирањето на потесен список од 10 филмови, членови на одделот за кастинг ќе присуствуваат на презентацијата на кандидатите.
Следното, 98-мо доделување на наградите „Оскар“ ќе се одржи на 15 март 2026 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата