Наглиот пад на нивото на шеќер во крвта е опасна состојба која бара брзо препознавање и реакција со цел да се спречат сериозни компликации. Настанува кога нивото на шеќер (гликоза) во крвта ќе падне под нормалните вредности, обично под 3.9 mmol/L. Оваа состојба главно се јавува кај лица кои боледуваат од дијабетес, но сепак, иако поретко, наглиот пад на шеќерот е можен и кај лица кои немаат шеќерна болест, предупредуваат лекарите.
Нагол пад на шеќерот кај дијабетес
Гликозата е главниот извор на енергија за организмот, особено за мозокот. Кога ќе дојде до нагол пад на гликозата, различни системи во телото почнуваат да испраќаат јасни сигнали за предупредување.
Кај лицата со дијабетес тип 1 и тип 2, состојбата најчесто е последица на рамнотежата меѓу количината на инсулин или лекови и количината на јаглехидрати внесени со оброкот. Понекогаш хипогликемијата (наглиот пад на шеќерот) се јавува по прескокнување на оброк, одложување на времето за јадење или по вообичаено интензивна физичка активност без претходно прилагодување на дозата од терапијата.
Пад на шеќерот кај здрави лица
Истовремено, и здравите лица можат да доживеат пад на шеќерот во крвта, на пример, за време на подолго гладување, прекумерно консумирање алкохол на празен стомак или по земање одредени лекови кои влијаат на создавањето шеќер во црниот дроб. Постојат и поретки состојби во кои туморите на панкреасот предизвикуваат прекумерно лачење инсулин. Сепак, во најголем број од случаите, хипогликемијата се јавува кај пациенти со дијабетес.
Рано препознавање на симптомите
Раното препознавање на оваа состојба е од пресудно значење, бидејќи влошувањето може да настапи многу брзо. Првите знаци обично се:
- Тресење на рацете
- Ладна пот
- Забрзано чукање на срцето
- Чувство на изразен глад
Како што нивото на шеќер продолжува да паѓа, мозокот почнува да страда поради недостиг на гликоза, па се јавуваат и невролошки симптоми како што се: збунетост, заматен вид, отежнат говор, силна вртоглавица, необично или агресивно однесување кое однадвор може да изгледа како лицето да е под дејство на алкохол.
Што да направите кога ќе препознаете хипогликемија?
Кога ќе забележите лице со овие симптоми, првото прашање што треба да го поставите е дали има дијабетес.
Доколку лицето може да комуницира и безбедно да голта, потребно е да се пружи соодветна помош врз основа на правилото „15“. Ова правило подразбира лицето веднаш да внесе 15 грама едноставни јаглехидрати кои брзо се апсорбираат во организмот.
Што содржи 15 грама едноставни јаглехидрати?
- Пола чаша овошен сок
- Пола чаша обичен газиран пијалак (не диетален)
- Една полна лажичка мед или шеќер
- Три до четири таблети гликоза (кои многу лица со дијабетес ги носат со себе)
По внесувањето на шеќерот, потребно е да се почека точно 15 минути и повторно да се провери нивото на шеќер со глукометар. Ако вредноста и понатаму е пониска од 70 mg/dl (односно под 3.9 mmol/L), постапката треба да се повтори.
Важно е да се нагласи: Чоколадото или колачите не треба да се користат како прв избор за лекување на хипогликемија. Иако се благи, мастите во нив го забавуваат преминувањето на шеќерот во крвта и затоа не се доволно ефикасни во итни ситуации.
Кога веднаш да повикате брза помош?
Иако почетното лекување изгледа едноставно, постојат ситуации кога не треба да се чека и кога е потребно веднаш да се повика медицинска помош.
Ќе побараме итна медицинска помош ако лицето е без свест, во состојба на нарушена свест или ако не може безбедно да голта. Во оваа ситуација никако не треба да се дава храна или пијалак преку уста поради ризик од задушување, туку веднаш да се повика брза помош.
- Лицето кое е без свест треба да се постави во странична положба (положба за закрепнување) за дишните патишта да останат проодни и да се спречи вдишување на содржината од усната шуплина.
- Ако пациентот има грчеви поради наглиот пад на шеќерот, потребно е да се отстранат предметите кои можат да го повредат, но не треба да се обидувате да го запрете за време на движењата.
Технологијата го открива падот на шеќерот
Последните години технологијата го промени начинот на кој пациентите го следат дијабетесот и ги препознаваат итните состојби. Многумина денес користат сензори за континуирано мерење на гликозата, кои се поставуваат на раката или на стомакот. Овие уреди го мерат нивото на шеќер на секои неколку минути и ги испраќаат податоците до апликација на телефонот или на паметниот часовник. Кога шеќерот ќе почне брзо да паѓа, уредот емитува аларм уште пред пациентот да ги почувствува физичките симптоми.
Ако се наоѓате покрај лице кое почнува необично да се однесува, а на телото има ваков сензор, можно е уредот да предупредува на опасност.
Што да се направи по закрепнувањето?
Дури и кога лицето ќе се опорави, потребно е да изеде комплетен оброк кој содржи сложени јаглехидрати (како интегрален леб) или протеини, за нивото на шеќер долгорочно да се стабилизира и да се спречи нов пад.
Стручњаците нагласуваат дека секој посериозен случај на хипогликемија бара разговор со лекар за да се утврди причината за падот на шеќерот и, по потреба, да се прилагоди терапијата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата