Швајцарија е земја на чоколадото, часовниците, планинските врвови и природните чуда, а деновиве е и епицентарот на музичкиот спектакл – Евровизија. Додека публиката ширум светот со нетрпение го очекува вечерашново финале на ова популарно музичко натпреварување, време е да се осврнеме на она што ја прави оваа алпска убавина единствена: нејзините прекрасни пејзажи, бајковити езера, средновековни градови и прекрасни глечери.
Швајцарија и нејзините природни убавини
Каде што планините изгледаат како уметничко дело – Швајцарските Алпи
Повеќе од 60% од територијата на Швајцарија е покриена со Алпите, а најпознат меѓу нив е Матерхорн, „пирамидата на природата“ што се издига на 4.478 метри и доминира на разгледниците на Цермат. Оваа планина е толку иконска што послужила како инспирација за логото на чоколадото Тоблероне!

Но, тука се и Јунгфрау, Ајгер и Менх, како и спектакуларната железница Јунгфраујох, која води до највисоката железничка станица во Европа – „Врвот на Европа“. И не, не е само маркетиншки трик – таму навистина ве очекуваат глечери, ледени пештери и поглед што ќе го паметите цел живот.
Бајковити езера
Швајцарија е земја со повеќе од 1.500 езера, и секое од нив има своја приказна. Женевското езеро е елегантно, аристократско – опкружено со лозја и градови како Монтре и Лозана. Циришкото езеро мами со својата урбана атмосфера и кафулиња на брегот, додека езерото Луцерн, сместено меѓу планините, е вистинска разгледница на мирот.

И ако сте со авантуристички дух, Синото Езеро во Бернскиот Оберленд ќе ве воодушеви со својата надреална сина боја која изгледа како да е обработена во фотошоп – но не е.
Повеќе од чоколадо и часовници: Бајки од националниот парк и шумата
Швајцарскиот национален парк е најстариот во Алпите и единствениот национален парк во земјата. Со патеки што водат низ недопрена природа, средби со козорози и мрмоти и строги правила за заштита, тука навистина можете да ја доживеете природата каква што била порано.
И дали знаевте дека во Швајцарија има шума со висечки мостови и стаклени платформи? Се нарекува Титлис Клиф Вок – највисокиот висечки мост во Европа, кој се протега над глечерот на висина од 3.000 метри!
Средновековни замоци и модерни градови
Да не го заборавиме Шилон – замок од бајките покрај Женевското езеро, кој го инспирирал Лорд Бајрон, и Стариот град Берн, кој е под заштита на УНЕСКО и кој, со своите аркади и камбанири, изгледа како да излегол од стара сликовница. Луцерн, со своите мостови од 14 век, сè уште раскажува легенди преку мурали, додека Цирих вешто ја комбинира банкарската сериозност со хипстерската уметничка сцена.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата