Поранешниот манекен Марино Милиќевиќ (33) е осуден на 22 години затвор за обид за тешко убиство на полицаецот Славко Матас во притворската единица на Полициската управа, пишува „Далматински портал“. Во два наврати во јули минатата година тој го избодел 13 пати со нож по главата, вратот, телото и рацете. Му ја зел крвавата кошула и се обидел да побегне, но бил спречен од четворица интервентни полицајци. Едвај го совладале и го врзале.
Милиќевиќ бил дрогиран, а по сопствено признание, последните 10 години само пиел алкохол и се дрогирал, па затоа судскиот совет на судијката Теа Будимлиќ му одреди и две безбедносни мерки – лекување од зависност од алкохол и дрога, како и заштитен надзор по издржувањето на казната. Милиќевиќ на крајот од судењето призна сè, а целиот настан го снимиле и камерите за видеонадзор. Судот се одлучи за казна долготраен затвор од 22 години.
„Сте го искористиле човекот кој ви излегол во пресрет“
„Ова не беше само напад врз полициски службеник, туку врз институциите и целиот систем, што бара строго казнување. Олеснувачки околности беа намалената пресметливост и тоа што не дошло до смрт на оштетениот. Судот не го оцени вашето каење како искрено, не покажавте никаква критичност кон своите постапки.
Отежнувачки околности беа тоа што сте го искористиле човекот кој ви излегол во пресрет и ве однел во тоалет. Му побаравте цигара, а потоа подмолно го нападнавте со нож. Не престанавте ниту откако го онеспособивте. Сте се вратиле и уште побрутално сте го нападнале отколку првиот пат.
Сте постапиле со директна намера, а таа подмолност и бездушност што ја покажавте најмногу влијаеја врз висината на казната. Советот смета дека ова е единствената соодветна казна. Мора да се испрати јасна порака дека нема толеранција за напад врз службено лице“, рече во образложението на пресудата судијката Теа Будимлиќ.
Ја зел полициската униформа и ја облекол
Милиќевиќ во јули минатата година бил приведен во зградата на Сплитско-далматинската полициска управа под сомнение за сторени кривични дела изнуда и противправно лишување од слобода.
За време на криминалистичката истрага, го прашал полицаецот кој го привел дали може да отиде во тоалет, а кога добил дозвола, влегол во соседната просторија и меѓу одземените предмети нашол џебен преклопен нож. Се вратил во просторијата и му задал повеќе убоди на полицаецот, а кога нападнатиот крвав паднал на подот, напаѓачот се обидел да побегне од зградата.
Ја зел полициската униформа на повредениот полицаец и ја облекол на себе, без капа. Покажал упорност во извршувањето на кривичното дело бидејќи двапати се враќал во просторијата каде што на подот лежел тешко повредениот полицаец и му задавал убоди со нож.
Од подрумот на зградата бегал кон излезот, каде што го запреле специјалците кои се посомневале во него бидејќи немал капа. Во моментот на нападот бил под влијание на таблети и амфетамини, но не бил под дејство на алкохол.
Марино Милиќевиќ се појавил во низа музички спотови во Хрватска и Србија, меѓу другото и во еден на Северина, за песна која стана регионален хит. Снимал и со српската турбофолк пејачка Сандра Африка.
Му пишал на полицаецот: Земав секакви будалаштини
На едно од рочиштата тој го прочита своето писмо упатено до полицаецот Славко Матас.
„Дого размислував и одлучив да ви се јавам. Пред сè, ова писмо не го пишувам за помала казна, туку затоа што по сè ми е јасно што направив и тоа ме мачи со ноќи. Му благодарам на Бога, слушнав дека не е повредено ништо витално, за што неизмерно ми е драго.
Знам дека не можете да ме разберете, како што не се разбирам ниту јас самиот себеси. Земав секакви будалаштини, уживав во нив, а сега тие ме доведоа таму каде што сум. Воспитан сум спротивно од сè што се случи таа ноќ. Срцето ме боли и постојано размислувам за тоа. Мојот живот е осуден на пропаст. Свесен сум за тоа, со тоа мора да се помирам и да си ја одлежам казната.
Не барам ништо од вас. Само сакам да кажам дека искрено се каам и дека од длабочината на душата ми е жал за сè што ви направив. Времето не можам да го вратам назад, а би сакал. Уште еднаш ви се извинувам вам и на вашето семејство. Да сте живи и здрави 100 години“, стои во писмото кое Милиќевиќ го напишал во затворот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата