На последниот ден од август 1997 година, во подвозник покрај мостот Алма во Париз, заврши животот на една од највлијателните жени на сите времиња.
Принцезата Дијана загина во сообраќајна несреќа заедно со нејзиниот тогашен партнер Доди ал-Фајед и возачот Анри Пол, додека нејзиниот телохранител Тревор Рис Џонс беше тешко повреден, но успеа да се опорави.
Телохранителот не зборуваше за овој случај бидејќи не се сеќава на ништо. Дури и по 28 години, неговото сеќавање не се врати. Но, има неколку луѓе кои биле сведоци на последните моменти од нејзиниот живот, па јавноста дозна кои биле последните зборови на принцезата Дијана.
Меѓу нив е и пожарникарот Ксавиер Гурмелон. Заедно со своите колеги, тој брзо пристигнал на местото на несреќата и помогнал да се извлечат повредените од смачканиот мерцедес. Доди и Анри Пол починале на самото место. Дијана била сè уште жива.
Ова беа последните зборови на принцезата Дијана
Автомобилот влегол во тунелот со голема брзина, а во обид да заобиколи друго возило и да избега од папараците, возачот ја изгубил контролата и удрил во бетонски столб. Потоа автомобилот отскокнал од спротивниот ѕид, а последиците беа ужасни.
Пожарникарите, полицајците и персоналот за итни случаи не знаеле веднаш за кого станува збор. Тие не ја препознале принцезата од Велс. Последната личност што разговарала со неа беше Гурмелон.
Видел дека е жива и тешко дише, па прво се погрижил да ѝ ги ослободи белите дробови за да може да земе воздух. Во тие моменти, не можел да претпостави колку се сериозни нејзините повреди. Само онаа на рамото била видлива.
„Ја држев за рака и ѝ реков да биде смирена, дека сум таму да ѝ помогнам. Да бидам искрен, верував дека ќе преживее. Беше свесна. Дури кога ја ставивме во амбулантното возило сфатив за кого станува збор“, рече Ксавиер пред неколку години.
„О, боже, што се случи“, беше првото нешто што го кажа Дијана. И последното.
Таа беше префрлена во најблиската болница, Пити-Салпетриер, каде што почина еден час подоцна и покрај напорите на лекарите.
Принцезата почива на семејниот имот во Алторп. Мало езеро со овална форма, во средината остров до кое може да се стигне само со брод. Место за поклонение кое го посетуваат илјадници нејзини обожаватели секоја година на крајот на август. Сепак, само членовите на семејството можат да пристапат до гробот скриен од крошните на дрвјата.
Лејди Ди e погребана со фотографија од нејзините синови, откри принцот Хари неодамна во книгата „Резерва“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата