Официјалните лица на Флорида се обидуваат да најдат одговори откако во продавница за половна стока се појави мистериозен череп, што е најмалку вторпат во последните години вистински човечки череп да биде пронајден во second-hand продавница во оваа сојузна држава. Канцеларијата на шерифот на округот Хернандо објави во петокот на Фејсбук дека черепот бил дониран на 16 мај во продавницата за половна стока „Jericho Ministries Thrift Store“ во Бруксвил, околу 65 километри северно од Тампа. Властите побараа помош од јавноста за идентификување на лицето кое го „оставило она за што можеби се верувало дека е украсен череп (но, всушност бил вистински череп) заедно со други предмети“, напиша канцеларијата на шерифот. Черепот бил оставен во продавницата меѓу 11 и 12 часот. Како што пренесува „The Independent“, детективите работат на идентификација и разговор со лицето, или лицата, вклучени во случајот, соопштија официјалните лица.
Шокантното откритие доаѓа неколку години откако една антрополошка истражувачка, прегледувајќи го одделот со украси за Ноќта на вештерките во продавница за половна стока во Форт Мајерс, во 2023 година пронајде вистински човечки череп меѓу декорациите. Експертката Мишел Калхун веднаш ја известила Канцеларијата на шерифот на округот Ли, која испратила детективи да истражат. Властите подоцна потврдија дека черепот навистина е вистински, извести тогаш списанието „Smithsonian Magazine“. Сопственикот на продавницата и кажал на полицијата дека черепот бил пронајден во магацин што го купиле со години претходно. Властите тогаш соопштија дека случајот „не е од сомнителна природа“.
Се веруваше дека черепот е стар околу 75 години и дека не покажувал знаци на траума. Калхун тогаш изјави дека верува оти черепот можеби и припаѓал на млада Индијанка. Не беше веднаш јасно дали тоа некогаш било потврдено. Вработен во продавницата го извадил черепот од магацинот за да го изложи пред сезоната на Ноќта на вештерките и му одредил цена од 4.000 долари, мислејќи дека никој нема да плати толку, според пишувањето на „The Washington Post“. На Флорида е противзаконски свесно да се продава или купува кој било човечки орган или ткиво, вклучувајќи ги и коските. Во овој најнов случај, детективите од Канцеларијата на шерифот на округот Хернандо ги повикуваат сите кои имаат информации да им се јават.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата