logo
logo
logo

Кој се грижи за милениците кои ги оставаме на чување. И како. Овој случај завршил трагично

Vecer | 13.06.2026

Кој се грижи за милениците кои ги оставаме на чување. И како. Овој случај завршил трагично

На 23.05.2026 година во 12:00 часот нашето куче Коко, бишон стар 6 години, беше оставено на професионално чување кај Д. Ѓ. А за период од 2 дена. Лицето професионално нуди услуги за чување животни и за тоа наплаќа надомест.

На 25.05.2026 година преку телефонски повик бевме известени дека нашето кученце починало.

Она што нè вознемири уште повеќе е што во различни моменти добивме различни објаснувања за тоа што се случило.

Најпрво ни беше кажано дека Коко добил срцев удар и починал одеднаш, без никакви претходни симптоми. Подоцна ни беше кажано дека кучето имало температура и дека одредено време се тресело.

Дополнителна загриженост кај нас предизвикаа и контрадикторните информации околу тоа дали Коко воопшто бил однесен на ветеринар. Во комуникацијата со нас ни беше кажано дека кучето било однесено на ветеринарен преглед. Меѓутоа, по нашите дополнителни проверки кај ветеринарот, бевме информирани дека кучето не било донесено на преглед, туку дека било извршено само телефонско јавување во кое било пријавено дека кучето има температура.

Според информациите што ги добивме, не бил извршен физички преглед на кучето од страна на ветеринар пред неговата смрт.

Дополнително, кога се обидувавме да дознаеме што се случува, наидовме на целосно неприфатлива комуникација. Во еден момент ја побаравме повеќе од 40 пати на телефон без да добиеме одговор. Сметаме дека ваквото однесување е крајно неодговорно, особено кога станува збор за смрт на домашен миленик кој бил доверен на нејзина грижа.

За жал немаме потпишан официјален договор за чувањето на Коко, и не сме сигурни дали оваа индивидуа легално го работи овој бизнис за кој наплаќа. Доказите кои ги поседуваме се комуникацијата и телефонските повици како и фотографии.

Во истиот период дознавме дека и друга фамилија го оставила своето куче на истото место. По престојот, нивното куче се здобило со здравствен проблем и морало да биде лекувано со силни лекарства.

За случајот веќе поднесовме официјално барање до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), со кое побаравме да се испитаат сите околности поврзани со смртта на нашето куче, како и условите во кои се чуваат животните во овој пансион.

До денот на ова обраќање сè уште немаме добиено одговор од АХВ и не сме информирани дали е спроведен инспекциски надзор или друга постапка по нашето барање.

Не тврдиме што е точната причина за смртта на Коко. Но тврдиме дека останаа премногу неодговорени прашања, премногу контрадикторности во кажаното и премногу пропусти во постапувањето за ние како сопственици едноставно да премолчиме и да не побараме одговорност.

Дополнително, кога дојдовме да го видиме Коко по неговата смрт, не ни беше дозволено да влеземе во просторот каде што бил чуван, туку ни беше покажан во паркиран автомобил надвор од објектот.

Бараме надлежните институции да го испитаат случајот и да утврдат дали постоела небрежност или професионален пропуст.

Сакаме и јавноста да биде информирана за овој случај за секој сопственик на домашен миленик сам да донесе одлука кому ќе му го довери своето животно.

Доколку е потребно, подготвени сме да ја доставиме целокупната комуникација, фотографиите, листингот на телефонски повици и сите други информации што ги поседуваме.

Ова го правиме во спомен на Коко и со надеж дека ниту едно друго семејство нема да помине низ истата болка, неизвесност и неодговорени прашања со кои се соочуваме ние денес.

Со почит, сопствениците на Коко

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk