Една од најпознатите атракции во Париз, центарот Помпиду, ќе ги затвори вратите на пет години. Причината, како што се наведува, е сеопфатна реконструкција и модернизација.
Центарот Помпиду, икона на модерната уметност и култура, познат по својот индустриски дизајн и надворешноста со видливи цевки, ќе претрпи целосно реновирање до 2030 година.
Помпиду е еден од најпознатите културни и уметнички центри во Париз, сместен во срцето на градот, во близина на областа Ле Мара.
Отворен во 1977 година, овој уникатен комплекс обедини музеј на модерна уметност, библиотека, кино и простори за изведба под еден покрив.
Зошто се затвора Помпиду?
Центарот Помпиду, кој привлекува над 3,2 милиони посетители годишно, се соочува со технички предизвици. Ова го вклучува, пред сè, отстранувањето на азбестот, опасен по здравјето материјал кој некогаш се користел во градежништвото.
Новиот концепт вклучува и намалување на емисиите на јаглерод, бидејќи досега е забележана висока потрошувачка на енергија за греење и ладење.
Дополнително, ќе се зајакнат безбедносните мерки поради постојаната закана од тероризам во Европа.
Цената на реновирањето е 260 милиони евра, а со реконструкцијата раководи архитектонското студио „Моро Кусуноки“.
Што носи реновирањето?
По завршувањето на работите, посетителите можат да очекуваат:
Панорамска тераса на покривот со нов видиковец
Редизајнирани внатрешни простори – музејските галерии, киното, библиотеките и продавниците ќе бидат модернизирани и повеќе поврзани
Еколошки одржлив концепт – преку рециклирање на материјали и намалување на јаглеродниот отпечаток
Нова зона за деца (0-15 години) – место за игра и креативен развој
Културна програма ширум светот – дела од постојаната колекција на Помпиду ќе бидат изложени и во други музеи во Франција, Шпанија и Кина.
Критики и реакции
Одлуката за затворање наиде на противење од француската уметничка заедница, која повика на постепено реновирање без затворање.
И покрај ова, Помпиду останува доследен на својата визија – да ги обедини различните уметности под еден покрив, со иновативен и современ пристап.
Љубителите на уметноста не треба да се грижат, до 2030 година, делата на Пикасо, Матис и Шагал ќе бидат изложени ширум светот, а Париз ќе продолжи да нуди богата културна содржина преку музеите како Лувр и Фондацијата Луј Витон.
Помпиду не се збогува, туку им вели на посетителите – се гледаме повторно, во уште подобра верзија!
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата