Импресивната вила во Рим, во која некогаш живеела италијанската филмска дива Софија Лорен, се најде на пазарот. Цена – вистинска ситница: „само“ 26 милиони евра.
Позната како Vila d’Autore, во која Софија Лорен и нејзиниот сопруг Карло Понти ги поминале најубавите години. Вилата се наоѓа покрај древниот римски пат, изграден во 312 година пред новата ера за транспорт на војници и воени залихи. Покрај тоа, вилата е сместена веднаш надвор од центарот на Рим, близу Колосеумот.
Починатиот сопруг на Софија Лорен, италијанскиот филмски продуцент Карло Понти, ја купил вилата пред да се ожени со ѕвездата и бил одговорен за обемна реновација. Додека славните сопружници живееле во овој раскошен дом, бројни филмски ѕвезди ги посетувале низ годините, меѓу кои Рикс Харисон, Кирк и Мајкл Даглас, Тони Кертис, Елизабет Тејлор и Ричард Бартон…
Понти ја продал недвижнината во 1985 година, а новите сопственици првично ја понудиле на пазарот во 2018 година за 19 милиони евра. Сега се обидуваат повторно да ја продадат по повисока цена. Сепак, кој и да ја купи, ќе може да ужива во импресивниот дом.
Вилата првично ја дизајнирала италијанската архитектонска фирма Busiri Vici околу 1900 година.
Во собите се наоѓаат статуи и други мермерни артефакти, од кои некои се стари повеќе од 2.400 години.
Домот се наоѓа над остатокот од имотот, кој зафаќа 24 хектари. Изграден е на „слој стврден лава од блискиот вулкан во областа која древните Римјани ја копале за да извадат базалт“, а земјата има „вид природен амфитеатар“, како што опишуваат агентите кои ќе ги водат потенцијалните купувачи на обиколка низ имотот.
Потенцијалните нови сопственици ќе можат да уживаат во базен, камени патеки, приватна зона за одмор, а вилата има и гаража, помошен објект за градинар и повеќе од 150.000 квадратни метри уредени градини дизајнирани од сопственикот, кој е пејзажен архитект.
Да не ги споменуваме фактите дека на имотот се наоѓа и посебна зграда во прованска стил од 7.500 квадратни метри. На крај, некогашната штала е претворена во дом со импресивна кујна.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата