Биографијата на францускиот претседател Емануел Макрон открива колку биле шокирани неговите родители кога дознале дека нивниот тогаш 16-годишен син е вљубен во 39-годишната мажена наставничка, Брижит Троњо. Денес позната како прва дама на Франција, Брижит била наставничка по драма на Макрон во приватното училиште „Ла Провиденс“ во Амиен, каде што се запознале кога тој имал само 15 години. Брижит тогаш била мајка на три деца и мажена.
Скриена љубов
Родителите на Макрон, Франсоа Ногет-Макрон и Жан-Мишел Макрон, верувале дека нивниот син се забавува со ќерката на неговата наставничка, Лорен, сè додека вистината не се појавила благодарение на семеен пријател.
- Едноставно не можевме да веруваме. Кога Емануел ја запознал Брижит, не можевме да кажеме: „Тоа е прекрасно“ - ѝ рекла неговата мајка на авторката на биографијата „Емануел Макрон: Совршениот млад човек“, новинарката Ан Фулда.
Сепак, таа додала: - Она што најмногу ме загрижуваше не беше тоа што тој беше со Брижит, туку тоа што беше жив и дека нема други проблеми.
Неговиот татко Жан-Мишел признал дека „скоро паднал од стол“ кога слушнал која е девојката на нивниот син. Во обид да ја прекинат врската, родителите се сретнале со Брижит и ја замолиле да не го гледа Емануел повторно додека не стане полнолетен. Таа одговорила дека „не може ништо да вети“.
Изненадувачки, бабата на Макрон по мајчина линија, позната како Манет, била поразбирлива од неговата мајка.
- Мојата мајка, која никогаш не би го толерирала тоа за своите деца, била многу поотворена и потолерантна кон своите внуци, рекол Франсоа.
Љубовта што преживеала сè
И покрај сите пречки, Макрон и Брижит останале во контакт. Тие не се забавувале тајно - сите знаеле за нив. Брижит подоцна признала дека била воодушевена од неговата интелигенција и начин на размислување што никогаш порано не го сретнала.
Во интервјуто, таа се присетила на зборовите на тогаш 17-годишниот Емануел: - Не можеш да се ослободиш од мене. Ќе се вратам и ќе се оженам со тебе.
Тоа и го направи тој. Се венчаа во 2007 година, кога тој имаше 29, а таа 54 години. На свадбата, тој им се заблагодари на нејзините деца, сега возрасни, со зборовите: - Ви благодариме што нè прифативте, оваа не баш обична двојка.
Таткото на Макрон за Брижит
Еминентниот невролог истакнал дека е лага оти тој и неговата поранешна сопруга го принудиле својот син да го напушти неговиот роден град Амиен за да ја спречат неговата врска со Брижит.
„Ова се приказни за деца. Од самиот почеток, договорот беше Емануел да ја помине последната година од школувањето во Париз, во училиштето „Лице Анри IV“, сè за да може што е можно полесно да се запише на универзитетот. Таа новинарка, чие име не сакам да го споменам и која ме нервира екстремно, напиша сè погрешно“, рекол тој, а зборувал и за односот меѓу неговиот наследник и Брижит Макрон во март оваа година за „Ла Република“, кога признал дека само неговата сопруга имала проблем да го прифати изборот на неговиот син.
„Кога си маж и имаш 17 години, од тебе се очекува да правиш што сакаш. Можеби беше прерано, но кој сум јас да судам. Со текот на времето се покажа дека вредеше.“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата