Европската унија го заврши развојот на апликацијата за проверка на возраста која наскоро ќе им биде достапна на граѓаните, најави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Иако примарно се претставува како алатка за заштита на децата, овој потег има многу пошироки импликации, тоа е првиот вистински тест на европскиот дигитален идентитет во секојдневна употреба. Системот овозможува потврда на возраста преку дигитални атрибути, без притоа да се открива целиот идентитет на корисникот.
До крајот на 2026 година, државите членки се обврзани да воведат „Европски дигитален паричник“, апликација во која граѓаните ќе можат да ги чуваат своите лични документи и потврди. Апликацијата за проверка на возраста служи како техничка подлога за овој систем. Иако проверката нема да биде универзална обвеска за сите, таа станува неопходен услов за пристап до содржини како порнографија, коцкање, онлајн купување алкохол, а потенцијално и до социјалните мрежи. Притисокот од Брисел врз големите платформи е огромен, особено поради влијанието на штетните содржини врз менталното здравје на младите.
Моделот е замислен да биде едноставен, но со радикално поинаков пристап кон приватноста. Системот работи во две фази: првата е еднократна верификација на идентитетот со официјален документ, по што се генерира криптографски потпишан дигитален доказ кој останува на уредот на корисникот. Во втората фаза, кога корисникот пристапува до одредена веб-страница, платформата не добива увид во името или датумот на раѓање, туку само потврда дека „условот за возраст е исполнет“. На овој начин, ЕУ се обидува да ги помири контролата на содржините и заштитата на приватноста.
Сепак, воведувањето ќе биде постепено, а први во пилот-проектот се вклучени Данска, Франција, Грција, Италија и Шпанија. Паралелно со ова, во Европскиот парламент се дебатира и за воведување минимална старосна граница за пристап до социјалните мрежи на ниво на цела Унија.
Критичарите, пак, предупредуваат на неколку чувствителни точки. Најголемиот ризик лежи во првичната идентификација каде што се концентрираат сите лични податоци. Исто така, постои загриженост дека проверката може да генерира метаподатоци (време и зачестеност на користење), кои би можеле да се поврзат со корисникот низ различни сервиси. Од практична страна, останува проблемот со позајмувањето уреди, малолетниците би можеле да го користат дигиталниот доказ на своите родители. Она што најмногу загрижува е поместувањето на границите: инфраструктурата што денес служи за проверка на возраста, утре може да се примени за кој било друг услов за пристап во дигиталниот свет.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата