logo
logo
logo

ЗБОГУМ ТИК ТОК, ДОБРЕДОЈДЕ ШЕКСПИР! Франција воведува задолжителен „офлајн ден“ за средношколците!

Vecer | 17.04.2026

ЗБОГУМ ТИК ТОК, ДОБРЕДОЈДЕ ШЕКСПИР! Франција воведува задолжителен „офлајн ден“ за средношколците!

Францускиот претседател Емануел Макрон упати директен апел до средношколците да ги исклучат своите телефони и да му се вратат на читањето, промовирајќи ја иницијативата за еден „ден без екрани“ во месецот за сите граѓани, пренесува Ројтерс. Главниот столб на неговата нова стратегија е целосната забрана за користење на социјалните мрежи за сите лица помлади од 15 години.

Макрон го опиша дигиталниот свет како „џунгла“ која на младите им го краде вниманието, нагласувајќи дека државата мора да ги заштити децата и да им помогне да станат зрели и одговорни граѓани наместо зависници од апликации.

Иницијативата на Франција следи по чекорите на Австралија, која минатата година воведе слична радикална мерка, со што се зголеми притисокот и врз другите европски нации да ги преиспитаат своите регулативи. Во моментов, најмалку десетина европски земји, вклучувајќи ги Британија и Норвешка, размислуваат за поставување минимална старосна граница за социјалните мрежи, која би се движела меѓу 13 и 16 години. Кипар е последната земја која официјално го објави планот за забрана под 15 години, додека Европската Унија веќе подготвува специјална апликација за верификација на возраста на корисниците.

Сепак, патот до официјален закон во Франција не е без препреки. Додека долниот дом на парламентот гласаше за целосна забрана, сенаторите сакаат да го блокираат пристапот само до платформите кои се сметаат за штетни за децата. Оваа дебата може да го одложи планот на Макрон новата легислатива да стапи на сила со почетокот на новата учебна година во септември. Истовремено, британскиот премиер Кир Стармер упати остро предупредување до технолошките гиганти како „Мета“, „Гугл“ и „ТикТок“, барајќи од нив вистинска одговорност за безбедноста на малолетниците наместо површни промени на платформите.

Иако намерите на лидерите се јасни, реакциите кај младите се поделени. Додека некои средношколци се согласуваат дека забраната ќе го намали сајбер-насилството, други сметаат дека едукацијата и родителската контрола се поклучни од законските рестрикции. Дополнителен предизвик е и фактот што младите секогаш наоѓаат начин да ги заобиколат правилата, што веќе се покажа во Австралија преку масовното користење на ВПН мрежи веднаш по воведувањето на забраната. Наспроти ова, Макрон продолжува да лобира за координиран европски пристап и создавање на „дигитално полнолетство“ на ниво на целата Унија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk