logo
logo
logo

ЗАМКАТА НА ПОТЕНЦИЈАЛОТ: Зошто се вљубуваме во иднината, а не во реалноста?

Vecer | 17.06.2026

ЗАМКАТА НА ПОТЕНЦИЈАЛОТ: Зошто се вљубуваме во иднината, а не во реалноста?

Многу луѓе опишуваат речиси идентична шема во своите љубовни врски. Врските на почетокот изгледаат ветувачки, полни со возбуда и со идејата дека „овој пат би можело да биде поинаку“, но со текот на времето се покажува дека се повторуваат истите проблеми. Иако партнерот на почетокот често изгледа како идеален избор, подоцна доаѓа до разочарување и прашања за тоа што всушност се променило.

Типичните реченици што тогаш се јавуваат звучат познато: дека сè тргнало одлично, дека не биле препознаени знаците за предупредување или дека постоело ветување за промена кое никогаш не било исполнето.

Вљубување во иднината наместо во сегашноста

Мозокот е природно склон силно да реагира на исчекувањето, често дури и повеќе отколку на самата награда. Допаминот, невротрансмитер поврзан со мотивацијата и задоволството, особено се активира во фазата на очекување, поради што замислените ситуации можат да изгледаат емотивно посилни од реалните искуства.

Во љубовта тоа значи дека идејата за тоа каков би можел да биде некој, често предизвикува посилни емоции од реалното однесување на таа личност. Фантазијата за иднината станува извор на возбуда, па партнерот се доживува низ призмата на потенцијалот, а не низ доследните постапки во сегашноста.

Дополнително, психолошките истражувања покажуваат дека повремените награди во врската ‒ моментите кога партнерот ќе покаже посакувано однесување ‒ можат да ја засилат поврзаноста повеќе од стабилното и предвидливо однесување. Токму таа непредвидливост ја одржува надежта и го отежнува дистанцирањето, дури и кога врската не е исполнувачка.

Рани шеми на приврзаност и емоционална несигурност

Начинот на кој луѓето научиле да ја доживуваат блискоста во детството има силно влијание врз подоцнежните врски. Личностите со анксиозен стил на врзување често се особено чувствителни на сигналите за блискост, дури и кога тие не се стабилни или доследни.

Вo таквите врски, секој знак на внимание може да се доживее како потврда дека работите ќе се подобрат, што ги одржува надежта и поврзаноста. Наместо сигурност, врската станува простор на постојано исчекување и емоционално вложување во потенцијалната промена на партнерот.

Од друга страна, лицата со избегнувачки стил на врзување можат дополнително да ја засилат оваа шема. Нивното повремено отворање и затворање на емоционалната дистанца создава контраст кој партнерот уште посилно го врзува за идејата дека вистинската блискост дури допрва треба да се оствари.

Когнитивни заблуди

Неколку психолошки механизми придонесуваат за тоа луѓето да останат врзани за идејата за потенцијалот на партнерот. Еден од нив е таканаречената заблуда на неповратен трошок (тонење во трошоци). Тоа е склоност да се продолжи со вложување во врската само затоа што во неа веќе се вложени многу време и емоции.

Друг важен фактор е оптимистичката пристрасност, односно тенденцијата да се преценува веројатноста за позитивна промена. Луѓето тогаш веруваат дека напредокот е на повидок, иако реалните докази често не го потврдуваат таквиот исход.

Третиот механизам е пристрасноста на потврдување, каде што личноста селективно ги забележува моментите кои ја потврдуваат нејзината надеж, додека ги игнорира или ги намалува оние што укажуваат на спротивното. На тој начин, потенцијалот почнува да изгледа како факт, а не како претпоставка.

Кога емоционалниот напор ја заменува љубовта

Во многу врски, едната личност презема несразмерна одговорност за нивното функционирање. Тоа вклучува емоционално смирување на конфликтите, одржување на блискоста и постојано вложување труд за врската да успее.

Со текот на времето, сопствениот напор почнува да се доживува како доказ за љубов. Колку повеќе енергија се вложува, толку врската субјективно изгледа поважна, дури и кога реалниот квалитет на односот не го следи тој интензитет на вложување.

Ваквата шема може да доведе до тоа љубовта да се изедначи со трпение, издржливост и емоционална работа. Во тој процес, границата меѓу посветеноста и самопоништувањето станува нејасна, а врската се одржува повеќе преку трудот на едната страна отколку преку заемната поврзаност.

Однесувањето е поважно од потенцијалот

Иако луѓето често се потпираат на зборови, ветувања и намери, истражувањата во областа на партнерските односи покажуваат дека доследното однесување е најсигурниот показател за стабилна врска. Емоционалната достапност, одговорноста и доследноста во постапките многу подобро го предвидуваат квалитетот на врската отколку самите очекувања.

Промената кај партнерот е можна, но само кога е вистинска, континуирана и поткрепена со дела во текот на времето. Без тоа, надежта за промена често станува начин да се избегне соочувањето со реалноста на незадоволителната врска.

На крајот, најтешкиот дел не е препознавањето на проблемот, туку откажувањето од идејата за потенцијалот кој ѝ дава смисла на врската. За многу луѓе, токму таа надеж станува причина поради која остануваат, дури и кога врската долгорочно не им носи емоционално исполнување.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk