Технолошката револуција незапирливо ги менува правилата на пазарот на труд, оставајќи простор за опстанок само на оние кои ќе успеат да се прилагодат на новата реалност. Додека Илон Маск предупредува дека вештачката интелигенција (ВИ) веќе генерира содржини со брзина што ја надминува човечката продуктивност, научниците го претставија досега најтешкиот предизвик за машините – тестот наречен „Последниот испит на човештвото“. Создаден од експерти на компанијата „Скејл“ и Центарот за безбедност на ВИ, овој испит има за цел да утврди дали постои граница на дигиталната интелигенција.
Испитот е составен од 2.500 прашања кои покриваат стотина области, од ракетна наука и напредна математика до митологија. Секое прашање бара знаење на ниво на докторат, а постигнувањето на максимален резултат би му ја доделило на системот титулата „универзален експерт“. Резултатите покажуваат застрашувачки брз напредок. Пред само две години, моделите како „ChatGPT“ едвај постигнуваа 3 отсто точност, додека денес најновите системи на „Гугл“ веќе поминуваат праг од 45 отсто, што е скок каков што ретко се гледа во академскиот свет.
Иако овој јаз помеѓу вештачките јазични модели и водечките светски академици сè уште постои, истражувачите се импресионирани од брзината со која интелигенцијата се развива. Доколку во блиска иднина некој систем постигне 100 отсто на овој тест, следната граница ќе бидат прашањата на кои човештвото сè уште нема одговор. Сепак, експертите смируваат дека човечкиот фактор ќе остане незаменлив во сферите каде што се потребни емотивна процена, креативност и носење одлуки кои не се потпираат само на суви податоци, пишува „UniladTech“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата