Туристичката заедница Visit Sweden подарува пет приватни острови за, како што наведуваат, „да ја сподели многу шведската перспектива за слободата и одговорноста во природата“, пишува Euronews.
„Шведска има повеќе острови од која било друга земја во светот и сакаме да ги поканиме луѓето да уживаат во она што можеби е најавтентичната форма на луксуз: мирот и тишината на природата на сопствен остров“, вели Susanne Andersson, извршна директорка на Visit Sweden.
„Вашиот шведски остров“
Пред да почнете да планирате претворање на вашиот приватен остров во ресорт или започнување некој друг профитабилен бизнис, постојат одредени ограничувања.
Иако би бил „ваш шведски остров“, како што сугерира името на кампањата, всушност не би станале негов сопственик ниту би можеле да го преименувате. Наместо тоа, би станале официјален „старател“ на островот (со диплома како доказ) со право на користење во период од една година.
Во текот на тој период ќе можете да кампувате, да пливате, да поканувате пријатели и да поминувате време во природа, под услов да покажете грижа кон локалниот животински свет и животната средина.
Бидејќи во Шведска во закон е вградено правото на јавен пристап до природата, и други лица ќе можат да го посетуваат вашиот остров во тој период.
Како да „освоите“ приватен остров
Во игра се пет приватни острови ‒ Medbådan, Flisan, Storberget, Tjuvholmen и Marsten ‒ а наградата вклучува и повратно патување во Шведска за две лица.
За жал, наградата не вклучува превоз до „чудесно осамените“ острови што би можеле да ги добиете на користење, па добитниците треба да бидат подготвени да изнајмат кајак, SUP даска или брод за време на патувањето.
За учество на конкурсот треба да се испрати видео во траење до една минута во кое ќе објасните зошто го заслужувате островот. Шансите може да се зголемат со споделување на видеото на социјалните мрежи со хаштагот #YourSwedishIsland.
Пријавите се примаат до 17 април 2026 година, а жирито ќе ги избере најкреативните пријави и ќе ги објави победниците во мај годинава.
Натпреварот е отворен за сите меѓународни патници постари од 18 години ‒ освен милијардерите. Причината е што Visit Sweden „настојува да го редефинира луксузот како едноставност, тишина и слобода во природата ‒ а не материјален вишок“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата