logo
logo
logo

ПРВО ИСПИТУВАЊЕ НА ТЕРАПИЈА ЗА ПОДМЛАДУВАЊЕ, спроведено во САД

Vecer | 16.06.2026

ПРВО ИСПИТУВАЊЕ НА ТЕРАПИЈА ЗА ПОДМЛАДУВАЊЕ, спроведено во САД

Во САД е спроведено првото испитување на генска терапија насочена кон подмладување на клетки, кое е направено на пациент со глауком, пренесуваат медиумите.

Како што објави списанието „Нејчр“ на својата веб-страница, експериментот го спровела приватната компанија „Лајф бајосајенсис“ од Бостон, со цел активирање на три гени способни да остварат регенерација на невроните во оптичкиот нерв, кој го поврзува окото со мозокот, а кој е оштетен кај луѓето кои страдаат од глауком.

Тоа беше прва од 12. планирани интервенции во клиничкото испитување. Компанијата се надева дека во иднина во испитувањето ќе вклучи луѓе кои имаат неартеритична предна исхемична оптичка невропатија (NAION), сериозна состојба која исто така предизвикува оштетување на очните нерви.

Целта на терапијата е само делумно репрограмирање на старите клетки, со што им се враќаат карактеристиките на младите клетки без целосно губење на нивниот идентитет и функција. За да го постигнат тоа, истражувачите ќе користат само три од четирите гени со кои може да се манипулира за да се вратат возрасните клетки во состојба слична на матичните клетки.

Вирус кој често се користи во генската терапија се употребува како вектор за испорака на гени во клетките. Како дополнителна мерка на безбедност, системот е дизајниран така што гените се активираат само кога лицето кое се лекува зема антибиотик наречен доксициклин.

Но, доколку престане со земањето на антибиотикот, гените се деактивираат.

- Оваа стратегија ни дава висок степен на контрола, овозможувајќи ни да ги вклучуваме и исклучуваме гените и да не ги оставаме активни подолго отколку што е потребно - изјави официјалната претставничка на компанијата, Шерон Розенцвајг-Липсон.

Таа додаде дека компанијата истовремено продолжува да истражува една болест поврзана со стареењето.

- Во моментов не работиме на подмладување на целото тело. Се надеваме дека еден ден ќе стигнеме и до тоа, но засега сè уште не сме - изјави Липсон.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk