Еден од најголемите и најсмелите грабежи во историјата на Јапонија до денес остана нерасветлен. Сторителот, кој се претставувал како полицаец, побегнал со парите наменети за плати на работниците во „Тошиба“ без да повреди никого. Неговиот плен остана најголемиот украден износ на пари во Јапонија цели 40 години. Истрагата што тогаш ја спроведе полицијата и понатаму е најголема во историјата на земјата – во неа учествуваа преку 170.000 луѓе.
Тоа беше грабеж како од холивудските филмови, но со јапонски карактеристики – смел, дрзок и малку откачен и инфантилен.
Познат како „грабежот од 300 милиони јени“, тој, како што ќе се испостави, крајно мистериозен криминален потфат, се случи на пат во главниот град Токио на еден дождлив декемвриски ден далечната 1968 година.
Млад маж преправен во сообраќаен полицаец слезе од забележлив бел мотор, каков што поседуваат органите на редот, и авторитативно ја запре лимузината на „Јапонската кредитна банка“, преполна со пари наменети за исплата на бонуси за вредните работници во фабриката на „Тошиба“ во квартот Фучу.
Тој на четворицата униформирани вработени во банката им соопшти дека постои сомнение дека под нивното возило од марката „Нисан“ е поставена бомба. На тој начин, без закани со оружје, тупаници или размена на оган, вешто и лукаво ги отстрани од четириркачот, чиј багажник беше благо потонат под тежината на парите – неговата тогашна вредност, пресметана во американски долари, изнесуваше 817.500 (што, кога е во прашање куповната моќ, е еквивалент на денешни 7,8 милиони долари).
Пиротехничка илузија
„Љубезниот“ полицаец потоа се пикна под автомобилот на обезбедувањето на банката за да утврди дали пеколната направа навистина е прикачена на него. И, замислете, таа тука и „беше“, поради што тој почна хистерично да вика, по што оддекна послаба експлозија и почна да чади – тоа ги натера четирите чувари на кредитната банка во бегство.
Меѓутоа, спротивно од (измамничкиот) впечаток што го стекнаа, не стануваше збор за разорна, смртоносна замка, туку за пиротехничка илузија од магионичарски тип, во режија на лажниот припадник на силите на редот. Нивната паника и бегство во засолниште „полицаецот“ ги искористи за да седне во тешкиот црн автомобил на банката и со парите од „Тошиба“ да замине во легендите.
Зашто, освен доброто планирање и врвната глума, за легендарноста на тој злочин значително придонесоа и фактите дека посветениот и совесен пролетаријат на „Тошиба“, која тогаш почнуваше со своите производи да ги освојува Јапонија и целиот свет, беше лишен од заслужената парична награда на само 200 метри од фабричката капија, како и тоа што грабежот беше извршен во улица од чијашто една страна се протега ѕидот на еден голем затвор.
Магнетна привлечност на злочинот
Всушност, јапонските медиуми, несвојствено за тамошниот педантен менталитет кој по правило инсистира на детали и прецизност, ја заокружија украдената сума на 300 милиони, иако трезорите на гигантот на електричната и електронската индустрија беа лишени од точно 294.307.500 јени.
Меѓутоа, за тој потег со магично новинарско стапче не може навистина да им се замери, бидејќи приближната цифра што ја измислија во својата рекламно-авторска мудрост беше смислена и корисна, како за експедитивноста во известувањето, така и за психичкиот ефект врз просечниот читател. Всушност, автомобилот на банката носеше три ковчези, секој наменет за по 100 милиони јени.
Интересно е што банката, наместо оклопен камионет, за префрлање на парите користеше неозначен седан, во надеж дека релативната незабележливост на возилото би можела да го поштеди од евентуални напади.
Случајот со грабежот од 300 милиони јени долго го привлекуваше вниманието на јавноста, не само поради својата дрскост и затоа што ја скокоткаше имагинацијата, односно му нудеше на гледачот морално упитно задоволство што се чувствува кога, слушајќи за досетлив, успешен грабеж, човекот ќе се замисли себеси како среќник кој одеднаш дошол во посед на сума што коренито го менува животот на подобро и ја прави понатамошната напорна работа излишна.
Случајот беше под рефлекторите на медиумите и затоа што сомнежот, поради реквизитите користени во грабежот (како униформата и моторот со карактеристична бела боја), прво падна врз чуварите на јавниот ред и мир, односно нивните семејства.
Неверојатно обемна и напорна истрага
Полицијата од таа причина беше принудена на него да потроши посебно многу време и труд. По сторителот, кој, за да предизвика паника кај чуварите на парите, се послужеше со факел за сигнализација, се трагаше со години.
На расветлувањето на случајот беа директно или индиректно ангажирани дури 171.346 луѓе, од кои многумина вредно ги обиколуваа домовите на граѓаните во потрага по информации.
Зашто, претресите и долгите, напорни разговори со персоналот на банката не открија можни соработници на сторителот, а споредбата на отисоците што тој ги оставил зад себе со примероците во полициските досиеја не даде резултати.
Ниту истрагата за неколкуте возила што ги промени за време на бегството не одведе никаде, бидејќи сите тие беа украдени. Таа промена на автомобили на крадецот веројатно му овозможи да ја избегне блокадата на градските сообраќајници што на денот на грабежот ја организираше полицијата. Што е уште повеќе, бидејќи тој ги покрил тие возила паметно со церада, помина многу време додека беа пронајдени.
Исто така, крајот на шеесеттите години градот Токио не беше мрежно покриен со безбедносни камери како денес, а сè уште не беа развиени ниту техниките за изолација на ДНК и идентификација на сторителите преку неа.
Повеќе од 100.000 потенцијални осомничени
Оттука, кругот на осомничени не се стеснуваше, па инспекторите немоќно и речиси напосоки газеа во мрак. На листата на можни осомничени, поради мноштвото дојави од граѓаните, во еден момент се најдоа дури 117.950 имиња.
Имено, полицијата изработи дури 780.000 фотомонтажи кои го следеа описот на сторителот што го дадоа измамените работници на банката и ги распореди ширум земјата по излозите на своите бројни мини-испостави и огласните табли на општините и месните заедници. Иронично, тие подоцна се покажаа како бескорисни, бидејќи четирите лица по извесно време признаа дека всушност не го осмотриле добро „полицаецот“.
Отисоците од прсти пронајдени во напуштените автомобили и на белиот мотор, за кој се испостави дека не им припаѓал на органите на редот и дека бил рачно преправен за да личи на полициски двобоец, беа споредени со дури шест милиони примероци со кои располагаа чуварите на законот, но злосторникот и покрај тоа не беше идентификуван.
Што е уште повеќе, педантните Јапонци некако пресметаа дека инспекторите работејќи на тој случај препешачиле 768.150 километри, што е речиси 20 пати повеќе од обиколката на планетата Земја.
И иако самата истрага чинеше околу 970 милиони јени, што е трипати повеќе од штетата претрпена со кражбата, тоа не беше без причина – грабежот од 300 милиони јени беше исклучително крупен: парите што крадецот тогаш ги присвои ќе останат цели четири децении најголем украден износ во Земјата на изгрејсонцето.
Лековерни како деца?
Седум години подоцна, во 1975 година, случајот во правна смисла застаре, поради што истрагата беше прекината.
Куриозитет е што, за професионалци чија работа е да транспортираат големи пратки пари, прилично наивните чувари подлегнаа на лагата на сторителот иако тој, како вовед во приказната дека под нивниот автомобил е поставена експлозивна направа, најпрво им сервираше измислица дека филијалата од која тргнале и куќата на нејзиниот управник се веќе дигнати во воздух.
Сторителот, треба да се каже, пред грабежот изврши лукава психолошка подготовка која, веројатно, кај обезбедувањето го олесни прифаќањето на лагата за експлозивната направа под автомобилот. Тој, имено, до филијалата на „Јапонската кредитна банка“ во дистриктот Кокубунџи претходно испрати анонимно писмо во кое бараше релативно помала количина пари (три милиони јени) и се закануваше со подметнување бомби во самата банка и во куќата на управникот доколку не се исполни тоа негово барање. Тоа, меѓутоа, беше празна закана која немаше намера да ја спроведе – еден вид маневар за одвлекување на вниманието.
Па сепак, и покрај таа психолошка манипулација, чудно е што чуварите на парите не дојдоа до помисла дека таков крупен случај, како што би бил бомбашки напад врз филијала на банка и куќата на нејзиниот шеф, би заслужил поголемо внимание од полицијата, односно поголема патрола, а не еден осамен сообраќаец.
Ниту им падна на памет со воки-токи кај своите надредени да ја проверат содржината на таа фантастична и малку веројатна приказна, или барем да се јават и да известат некого во фабриката на „Тошиба“ дека ќе задоцнат, што веројатно би го попречило злосторникот во извршувањето.
Зашто, иако беше внимателно планиран и мудро заснован врз изненадување и авторитетот што го поседуваат униформираните сили на редот, грабежот од 300 милиони не можеше да уроди со плод доколку неговите жртви не беа необично лековерни или лошо обучени. Звучи неверојатно, но четирите членови на обезбедувањето на банката подоцна посведочија дека кога го виделе „полицаецот“ како влегува во нивниот автомобил, чиј долен дел верувале дека се запалил, помислиле дека тој е исклучително пожртвувана личност која, ризикувајќи го сопствениот живот, сака да го отстрани возилото од улицата за никој да не биде повреден кога ќе дојде до експлозија на резервоарот.
Вечна мистерија
Случајот, кој е една од најголемите криминални мистерии во историјата на земјата, инспирираше безброј новинарски столпчиња, крими-приказни, стрип-епизоди и ТВ-емисии, во кои се шпекулираше за можните сторители. Денес на Интернет е можно да се видат и обиди тој стар криминален престап, кој во Јапонија практично стана синоним за совршен злочин, да се одгонетне со помош на вештачка интелигенција.
На многумина посебно сомнително им се чинеше тоа што банката, благодарение на осигурувањето, целосно ја надомести штетата и тоа што пратката пари за „Тошиба“ беше осигурана преку телефон, без потпишан документ, буквално неколку минути пред поаѓањето на возилото и тоа за само 16.000 јени. Што е уште повеќе, со сплет на околности, надоместокот за претрпената штета на банката преку едно домашно претпријатие ѝ го исплатија странски осигурителни компании.
Интересно е и тоа што работниците на „Тошиба“, делумно благодарение на помошта од други банки, го добија својот бонус само еден ден по грабежот.
Така, практично, никој во Јапонија не изгуби ништо, додека сторителот стекна големо богатство. Затоа, сметаат одредени криминолози, писатели и јавни личности, нарачателот на грабежот треба да се бара во самата банка или во банкарскиот свет, а не во полицијата.
Целиот случај го обележа и трагедијата на деветнаесетгодишниот син на еден сообраќаен полицаец, кој поради наводна сличност со фотороботот направен врз основа на (несигурното) сведочење на четирите работници, занимањето на таткото и фактот што бил вмешан во малолетничка банда, во првите денови по грабежот беше земен за главен осомничен – тој поради тоа изврши самоубиство со испивање отров, за подоцна, преку споредба на отисоците од прсти, објективно да се утврди неговата невиност.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата